X
 10.07.2020 Наша тема

Што може да се направи 40 дена пред почетокот на учебната година? Поенти од синоќешната дебата како ќе продолжи наставата од 1 септември

За почеток, мора непречено да функционира електронскиот дневник

Четириесетина дена пред почетокот на новата учебна година. Не се многу, но со добар тим и многу волја може да се направат основни услови за децата да добијат солидна настава ако образовниот процес продолжи од дома поради пандемијата од Ковид-19. Нe смеат да се повторат изминатите три месеци со испраќање мејлови и чекање повратен одговор, слаба или никаква интеракција меѓу наставниците и учениците. За почеток, мора непречено да функционира електронскиот дневник.


Учесниците на синоќешната дебата

Ова се дел од поентите од синоќешната дебата во живо на тема „Какво образование нѐ чека од 1 септември. Ќе тргнат ли децата на улилиште?“ што ја организираа порталите Факултети.мк и Деца.мк на платформата за комуникација ZOOM. Во дебатата учествуваа Елизабета Наумовска, заменик-министер за образование и наука, Кирил Барбареев, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Александра Максимовска-Стојкова, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“ и Владислав Бидиков, ИТ-инженер на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Двочасовната дискусијата ја модерираше новинарката Катерина Топалова, а ја проследија повеќе од 21.000 гледачи на Факултети.мк и околу 16.000 гледачи на Деца.мк.

Арслани: Нема да се дозволи ризик

Наумовска рече дека отворено ќе зборува за сите проблеми и предизвици во образованието со кои е соочена нашата земја. Таа потенцира дека Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и претставници на УНИЦЕФ и на граѓанскиот сектор веднаш почнале да работат на подготовка на нацрт-концепт за далечинско учење, документ кој деновиве беше јавно објавен.
- Многу поразвиени држави од нашата се најдоа затекнати од пандемијата. Тешко е преку ноќ да се изгради идеален систем. Имаме многу краток рок. Но, работиме на преодни модели кои ќе може да се употребат на различни места, во зависност од ситуацијата. Што и да се случи, во септември ќе бидеме подгответи учебната година да почне на еден или друг начин – оптимистички рече Наумовска.


Во дебатата се вклучи и заменик-министерот за здравство Арменд Арслани. Тој рече дека невозможно е сега да се предвиди каква ќе биде состојбата со заболени од Ковид-19. Но, нема да се дозволи ризик за учениците и наставниците.
- Во септември се очекува уште покомплициран бран поради сезонскиот грип. Информациите ги следиме на дневна база, сѐ ќе зависи од епидемиолошката состојба пред почетокот на септември – рече Арслани.

Бидиков: Има решение, но да почнеме да работиме веднаш

Според Бидиков, платформа за онлајн настава ИТ секторот може да направи за две недели и со неа да се опремат сите училишта во Македонија. Но, нештата не се толку едноставни.
- Мора да ја имаме наставната содржина. А таа не е иста во учебник и за онлајн настава. На тоа треба да се стави акцентот. Мора сега, во овие 40 дена да го искористиме тоа што го имаме за да стартуваме во септември. Џабе ви се платформи ако немате добра интернет врска. Проблемски не е третиран интернетот на крајните корисници. Провајдерите колабираа, а тај проблем не може МОН да го реши. Немаме време да развиваме стратегија 5 години. Одговорни сме пред децата, пред учениците да им обезбедиме услови за учење, сега – дециден беше Бидиков.

Тој рече дека бил поразен кога слушнал дека некои училишта почнале во јуни да ја спроведуваат наставата.
- И тоа само затоа што порано не поминал инспектор да им каже дека мора тоа го прават! Па ако на 10 јуни почнете во електронски систем да внесувате податоци од цела измината година, да имате 30 супер-компјутери, сите ќе откажат! Одговорноста е најважна. Имаме капацитет да го направиме ова. Имаме доволно хардвер, ако го распределиме добро, ќе успееме. Има и општествено одговорни компании кои сум сигурен дека ќе помогнат. Тие веќе го докажаа тоа. Но, не смееме да губиме време, мора веднаш да почнеме – рече Бидиков.

Максимовска-Стојкова: Мора да се инвестира, без разлика колку ќе чини

Максимовска-Стојкова го претстави своето искуство и како универзитетска професорка, и како мајка на матурант и основец. Таа е оптимист дека човекот ќе најде начин да го победи вирусот, но мора да бидеме оптимисти. Таа е децидна дека финансии мора да се најдат за да се надминат техничките проблеми и да се овозможи непречена настава за децата. Не треба да измислуваме топла вода, туку само да ги прилагодиме моделите кои успешно ги спроведоа другите земји. Ако треба, книгите ќе стигнуваат до секој дом каде што има ученик.



- Правото постои заради граѓаните и треба да се прилагодува на нивните потреби. Ако правото вели дека часот не може да трае помалку од 40 минути, ќе овозможиме да трае 25 минути онлајн. Ако треба, ќе се обезбеди таблет или компјутер за секој ученик. Скапа инвестиција е, но мора да се направи, без разлика колку ќе чини. Нема ништо поважно од здравјето и од образованието – рече таа.

Максимовска-Стојкова потенцира дека институциите системски се организирани, но треба одговорно да си ја вршат работата. Ако наставниците одбиваат работа, да интеревенира директорот, ако тој има пропусти, да интервенира општинскиот сектор за образование. И секој да сноси одговорност за своите постапки.

Барбареев: Не видов дека образованието е приоритет за државата

Барбареев рече дека се начнува тема за најкомплексниот систем во едно општество. Тој го поздраво документот што деновиве го објави МОН, но во него нема конкретно решение за 500.000 луѓе дневно вклучени во образовниот систем, од кои 300.000 се ученици во сите нивоа на образование.
- Да ги исклучиме поголемите ученици. Но, што со децата кои сѐ уште немаат создадено навики за учење? Што со училиштата кои немаат компјутери, интернет, немаат кабли? Разбирам дека за образованието 30 години многу малку се правело. Но, имаме брилијантни наставници на кои совршено им е јасно што треба да се стори. Но, имаме и наставници кои три месеци не им се јавиле на децата дома – рече тој.

Барбареев посочи добар пример кој го спроведува Словенија, според модел кој долго време се користи во Израел. Секоја регионална високообразовна педагошка институција е задолжена да формира мрежа со наставници од секое училиште. На неделно и месечно ниво се одржуваат состаноци, па системот тековно ги решава сите проблеми.

- За жал, кај нас не се гледа визијата. Со што го подобривме образовниот систем во изминатите месеци? Јас не видов дека тоа е приоритет за државата. Ние имаме капацитет за квалитетен образовен систем, но политиката спречува да се направи – дециден е Барбареев.

Попризова: наставниците немале обука 15 години

Попризова повеќе од сите учесници ги претстави реалните проблеми со кои се соочуваа и наставниците и учениците. Таа го постави основното прашање: како зборуваме за онлајн настава, а не функционира електронскиот дневник? Таа смета дека ова што доега се правеше беше стихија. Вели дела учениците добиле слаба социјална поддршка од училиштата, најголем акцент се ставил на процесот на учење, а малку внимание се посветило на воспитниот процес.

- Тој дел воопшто не беше осветлен, а е еднакво важен. Иако постојано имав комуникација со учениците, сѐ беше сведено на чиста импровизација. Од 2005 година наставниците не добиле никаква обука. Во овие вонредни услови беа оставени сами да се снаоѓаат, преку туторијали да учат како да стапат во комуникација со учениците. Секој на различни платформи, на крај учениците не знаеја кому, каде мејл да пратат. Тоа беше дополнителен притисок и им создаде голем стрес – раскажуваше Попризова.



Таа рече дека летниот период треба да се искористи за обуки за наставниците. Секако ќе им бидат добредојдени од септември и полесно ќе се справат со обврските.
- Магија нема да се случи. Од септември ќе ни биде потребна помош од родителите, техничка и физичка поддршка, и време. Ги охрабрувам и родителите и наставниците да се потрудат. Ние ќе бидеме тука и за првачињата, и за шестоодделенците, и за средношколците во прва година и за сите други ученици. Ќе им помогнеме најдобро што можеме. Но, ни треба поддршка. За почеток, добро би било да се среди електронскиот дневник – рече Попризова.

Бидиков се понуди да помогне на секој можен начин да се искористат овие 40 дена за да се стави на нозе систем кој ќе им помогне на улениците од септември.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема