X
 10.11.2021 Наша тема

Без наука нема држава, оценуваат професори по повод Светскиот ден на науката

Квалитетот на нашето високо образование одамна е во слободен пад, состојбата со науката е уште полоша затоа што ако во високото образование нешто се финансира, во научноистражувачката дејност инвестициите се речиси на нула или не постојат, смета проф. д-р Петар Атанасов.


Науката е само приврзок на Министерството за образование, би рекле некои универзитетски професори коментирајќи го третманот на надлежните во државата кон науката. Иако некои од нив во минатото бараа да се формира посебно министерство за наука, за да може тој ресор да се третира посебно со оглед на фактот дека без неа нема држава, сепак, тоа досега не стана реалност.
Денеска е Светскиот ден на науката, а Факултети.мк по тој повод поразговара со неколкумина универзитетски професори. Ги прашавме каде е местото на науката? Дали државата издвојува доволно пари за наука? Дали нашите професори имаат услови да истражуваат и да придонесуваат за развојот и за иднината на државата?

Квалитетот на високото образование е во слободен пад

Проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања смета дека квалитетот на нашето високо образование одамна е во слободен пад, а дека состојбата со науката е уште полоша затоа што ако во високото образование нешто се финансира, во научноистражувачката дејност инвестициите се речиси на нула или не постојат.

- Оттука, земја што не вложува во својата наука и научни истражувања е осудена или да не напредува или прескапо да го плаќа знаењето што секојдневно циркулира низ светските универзитетски центри. Наместо да сме рангирани во првите 500 универзитети во светот, ние сме на опашката и на многу листи не сме ниту во првите 1.000. Второ, условите за работа на академскиот кадар се несоодветни и минимални и не се располага со доволно можности за поквалитетно одвивање на наставниот процес. Сѐ помалку се инвестира како во техничка така и во специфична опрема неопходна за изведување на наставата и истражувања. Може да се направат многу работи за да се подобрат состојбите - смета професорот, кој пред неколку години краток период беше и заменик-министер за образование и наука.


Проф. д-р Петар Атанасов

Најпрво, според него, треба да се донесе еден нов закон за научноистражувачка дејност бидејќи стариот е мртов.

- Да започне циклус на годишно финансирање на научни проекти, индивидуално и институционално, по неколку линии. Да се основа фонд за финансирање на научноистражувачката работа од каде што ќе се доделуваат средства за наука и истражувања. Ние денес сме на основен минимум. Многу од моите колеги сами си ги финансираат истражувањата кои се потребни заради публикување научни статии и напредок во кариерата. Уште една работа е многу важна. Мора академскиот и научен кадар да почувствува дека е вреднуван од страна на државата, да се врати мотивацијата кај колегите за поголеми постигнувања. Нашата работа не е од денес за утре, тоа се години и години инвестирање во себе и во научните проекти и издаваштвото. На пример, академскиот кадар е силно незадоволен од својата социо-економска ситуација. Ние сме на дното во целиот регион. Денес, во контекст на тоа што се бара како постигнување и тоа што се нуди како можности и услови, генералниот став е дека се обезбедува само просечност, а за поголеми успеси и постигнувања потребни се многу поголеми вложувања и посветеност од страна на Министерството – додава професорот.

Не се вработува млад кадар

Проф. д-р Горан Ајдински е поранешен декан и редовен професор на Филозофскиот факултет. Според него, има три клучни работи што се неопходни за развој на науката.

- Државата, односно Министерството за образование и наука, мора да издвои повеќе средства за научни истражувања, за проекти, отколку што издвојува сега. Така би биле слични на земјите во регионот. Сега сме најслаби. Второ, мора да се прими на работа млад кадар. Илјадници асистенти треба да влезат на универзитетите за да можат да го стимулираат истражувачкиот потенцијал. Тие така би напредувале во своите звања. На пример, Филозофскиот факултет има над 100 професори, а нема ниту еден асистент. Тоа е поразително. Во последниве четири години се вработени само тројца луѓе кај нас. Имаме само двајца доценти. Знаете ли кој пораз е тоа за фелата? Сите заминуваат во пензија, а не се вработуваат млади. Која е перспективата на високото образование? Владее тотална летаргија. Мора да има асистенти кои би пишувале трудови, а со тоа би се развивала и науката. Исто така, треба да се зголеми и платата на научниот кадар на факултетите. Има демотивирани професори, односно демотивиран научен кадар - смета професорот Ајдински.


Проф. д-р Горан Ајдински
Потребни се системски мерки

Професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии смета дека постигнувањето врвни резултати во науката, не само од страна на многу мал број поединци, туку на универзитетскиот кадар во целина, бара поставување низа системски мерки, како политички така и академски, кои секако нема да дадат брзи резултати.
- Треба да се размислува долгорочно затоа што вложувањето во науката значи вложување во развојот и иднината на една држава. Да се работи наука, која ќе има меѓународна препознатливст, кон што се стреми секој од нас, потребни се средства и квалитетни млади луѓе што ќе ја изберат оваа професија. Досега речиси и да немаше национално вложување во научноистражувачки проекти, па единствен начин беше користењето на меѓународните фондови. Како универзитетски професор кој работел во над петнаесет меѓународни проекти, морам да нагласам дека вклучувањето во големи истражувачки тимови е тешко без национална финансиска поддршка во вид на проекти, од кои ќе може да се одвојуваат средства за објавување на резултатите, учество на конференции, научни посети и друго - смета професорката.

Потребни се пари за истражувања

За следење на светските трендови во науката, од особено значење е пристапноста до бази со научни списанија, што секако треба да биде финансирано на државно ниво, со не толку занемарлив буџет, потенцира професорката Спасевска.

- Од друга страна, недостигот на млади луѓе кои сакаат да работат наука е светски тренд, особено затоа што изборот на оваа професија бара големи вложувања во првите години од кариерата, кога тие треба да станат финансиски стабилни, обезбедувањето средства за нивна егзистенција во вид на стипендии, но и вработување на универзитетите, е приоритет за унапредување на оваа дејност. Годинава Министерството за образование и наука првпат распиша конкурс за стипендии за магистранди и докторанди, кој е во тек, а исто така само што заврши повикот за финансирање научноистражувачки проекти и проекти за поддршка за развој на лабораториски ресурси. Да се надеваме дека ова ќе биде само почеток во подобрувањето на третманот што го има науката кај нас - додава професорката.


Проф. Христина Спасевска

Според неа, во текот на изборните политички кампањи, па дури и во програмата на секоја влада досега е нотирано дека за наука ќе се одвојува до 1,5 % од бруто-домашниот производ. Тоа за нас сè уште е недостижна бројка.

- Можеби затоа што со наука се занимава само мал процент од популацијата и логично е во малите земји во развој, каде што има многу други приоритети за зголемување на стандардот на граѓаните, државата да го избира полесниот, популистички правец, па зафаќањето од буџетот за наука е незначително. Се случува вложувањата во иновации и претприемништвото, или на пример проектот за преводи на странски изданија, да се сметаат како буџетски вложувања во наука. Со формирањето на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност се очекува многу брзо да се донесе нов закон за научноистражувачка дејност, но и да се постават механизми за зголемување на буџетот за науката и негова распределба - смета проф. Спасевска.

Дали има услови нашите професори да истражуваат?

Секоја од научните области има свои карактеристики во остварувањето на истражувачката дејност, додава професорката.
- Би нагласила дека за апликативните истражувања се потребни помалку средства, за разлика од фундаменталните. Исто така, потребата од лабораторија и опрема значително ја зголемува цената на истражувањата. Ако направиме споредба со меѓународните тимови што работат на проекти од стотици милиони евра, нашата конкурентност е речиси невозможна и покрај квалитетот на нашите истражувачи.

Што прави Министерството за образование и наука?

Во врска со ова, побаравме став и од надлежните во Министерството, под чија капа е науката во државата. Наспроти тврдењата на професорите, оттаму тврдат дека Владата посветува големо внимание на развојот на науката, истражувањето и иновациите кои се клучни носители на севкупниот напредок на државата.

- Се работи на целосна промена на начинот на финансирање на научноистражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финансирање. Од минатата година првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството, преку грантовско финансирање, додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари кои треба да го поттикнат развојот на науката во земјата. Очекувањата се во 2022 година да се воведе и програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет - велат од МОН.

Од оваа година, информираат оттаму, воведени се и нови можности за научноистражувачките работници, кои значат директна поддршка на нивната работа. Во текот на август беа објавени два јавни повици за финансирање на научната дејност.

Од буџетот на МОН се обезбедени и средства во висина од 6 милиони денари наменети за реагенси и потрошен лабораториски материјал за потребите на Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет при УКИМ, за спроведување проект за анализа на имуногенски профил на пациенти заболени од ковид-19.

- Како поддршка за создавање кадар кој би се занимавал со наука и истражување, во новата академска година првпат воведовме и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината, за области каде што постои дефицит на кадар. Државата стана дел од една голема меѓународна програма за наука - Хоризонт Eвропа. Таа отвора многу можности за развој на науката, преку вмрежување, реализација на заеднички меѓународни проекти и слично. Дополнително, се работи и на целосно нов закон за научноистражувачка дејност, чија нацрт-верзија се подготвува од страна на работна група составена од претставници на сите универзитети и на научните институти - велат од Министерството.
Во 2018 година беа одвоени 252 милиони денари за наука, во 2019 – 295 милиони, во 2020 – 300, сега во 2021 година во буџетот се предвидени над 400 милиони денари.

Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема