X
 11.07.2022 Наша тема

„Засега мојата иднина ја гледам некаде надвор“, вели Стефани Јосифовска, првенец на Машински и добитник на „Инженерски прстен“

Би рекла дека за добивање десетки на испитите не се потребни огромна пожртвуваност, непроспиени ноќи или, пак, откажување од социјалниот живот, туку само добро менаџирање на времето, континуитет и најважно од сѐ - љубов кон она што се работи, вели Стефани

Како една од петте девојки во нејзината генерација запишани на студиската програма Моторни возила на Машинскиот факултет во Скопје, Стефани Јосифовска, успеа да ги урне сите стереотипи за оваа насока и притоа да биде првенец на генерацијата со просек 9,88 за учебната 2020/2021. 

Како првенец беше наградена од страна на УКИМ, а неодамна се закити и со „Инженерскиот прстен“, кој ѝ го додели претседателот Стево Пендаровски, како една од 12. најуспешни студенти што дипломирале на факултетите за инженерски дисциплини.  

- Интересно во врска со насоката Моторни возила е фактот што важи за претежно „машка“ поради тоа што се занимава со динамика, конструкција и одржување на моторните возила, особено автомобилите, а воедно и поради релативно малиот број запишани девојки, што претставуваше своевиден рекорд во последните неколку генерации, но е податок кој особено ме радува бидејќи покажува дека возилата можат да бидат област со која се занимаваат сите нивни љубители, без разлика на полот - вели Стефани.

Гимназиското образование ми ги отвори вратите кон светот

Стефани уште во Основното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски“, а подоцна и во гимназијата „Георги Димитров“ се стремела кон одличен успех по секој предмет. Таа се ангажирала на што е можно повеќе воннаставни активности, како додатна настава, натпревари од областа на природните науки и јазиците, како и волонтерски активности.

- Гимназиското образование беше клучот кој ми ги отвори вратите кон светот и ми ги прошири видиците. Уште од самите почетоци на образованието најголем интерес пројавив кон математиката, физиката и хемијата, како и за германскиот јазик, поради што и се запишав во специјализираната германска паралелка - додава Стефани.

Откако веќе го имав високиот просек, се стремев да го задржам

Технички науки или германски јазик - тоа е дилемата што ја имала Стефани сѐ до последната година од нејзиното средно образование. Љубовта кон физиката, поточно кон механиката што ја развила во гимназиските денови натежнала при нејзината одлука да отиде на Машинскиот факултет.

- Уште од основно училиште ме интересираше програмирањето, кое уште тогаш полека почнав да го изучувам, но сепак не сакав да се откажам од физиката, поточно од механиката. Го сакав и германскиот јазик, но на крајот одлуката падна на Машинскиот факултет бидејќи програмите што тој ги нудеше најмногу се поклопуваа со моите интереси. На почетокот се плашев дека нема да се снајдам во студиите, дека ќе морам сериозно да си ги сфатам обврските или дека ќе заглавам со студирањето - вели таа.

Иако студирањето го почнала со стремеж да учи за знаење, а не за оценка, откако по првите три семестри сите ѝ биле дестки, Стефани одлучила да се потруди да го задржи високиот просек. 

- Првата деветка ја добив дури во четвртиот семестар. Откако веќе го имав високиот просек, се стремев и да го задржам, поради што неколку пати кога не ја добив највисоката оценка по некои предмети, првично ми се јавуваше желба да ја поништам оценката и одново да полагам, меѓутоа, никогаш не го направив тоа. Енергијата ја посветив на волонтирање во студентски организации или посетување пракси, а на крајот високиот просек дојде сам по себе - додава Стефани.


За да добиеш десетка на испитите не е потребна огромна пожртвуваност

Иако многумина сметаат дека високиот просек и титулата првенец на генерација предизвикуваат нарушување во останатите аспекти од животот на студентот, Стефани смета дека тоа е само мит и дека добрата организацијата во извршувањето на обврските овозможува да се постигне сѐ.

- Би рекла дека за добивање десетки на испитите не се потребни огромна пожртвуваност, непроспиени ноќи или, пак, откажување од социјалниот живот, туку само добро менаџирање на времето, континуитет и најважно од сѐ - љубов кон она што се работи. Секако, поради добрата основа што ја стекнав во текот на гимназиското образование, предметите од почетниот семестар не ми претставуваа особена тешкотија, а веќе бев навикната и на начинот и темпото на учење.

Подготвувањето на испитите, па и на дел од проектите, речиси секогаш беше подобро во друштво бидејќи сепак се работи за материјал кој може соодветно да се совлада само доколку темелно се разбере, а доколку се учи со колеги, секогаш постои можност за надополнување на знаењата. Сѐ уште стојам на истиот став дека просекот не е мерило за знаењата и способностите на студентите - вели Стефани.


Демонстратор на Катедрата за моторни возила

Од самиот почеток на студиите Стефани била решена да продолжи со образованието и по дипломирањето и во одреден период да заплива во научните води, пред да влезе во индустријата. Таа во моментов е на постдипломски студии, повторно на насоката Моторни возила, а ја изучува областа Автоматизирани системи кај моторните возила и истовремено е демонстратор на Катедрата за моторни возила на Машинскиот факултет.

- Дефинитивно во иднина би сакала да се запишам и на трет циклус студии, но по завршувањето на магистерските студии, сметам дека ми е потребно и да стекнам одредено искуство во индустријата, со цел да ги применам и продлабочам досега стекнатите знаења. За жал, сметам дека индустријата во Македонија не нуди речиси никакви можности за работа во секторите за истражување и развој од областа на возилата, поради што моментално не гледам никаква перспектива во однос на исполнување на моите амбиции тука, па засега мојата иднина ја гледам некаде надвор - завршува Стефани.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема