X
 11.09.2019 Образование

Поблиску до УКЛО – Што кажаа студентите за Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола

Изборот на факултет не е лесен, пред се поради тоа што нашата професионална иднина се потпира на таа одлука. Затоа од кого најдобро би добиле совет за најдобриот избор, ако тоа не се девојките и момците кои студирале или студираат на Правниот факултет, УКЛО – Битола. Нашите студенти најдобро ќе ви посочат зошто треба да студирате на Правниот факултет при УКЛО – Битола.
„Правниот факултет е патот кои што го одат оние кои сакаат да го развијат своето апстрактно размислување, но и практично решавање на зададените проблеми. Правото претставува фундаментална основа за животот и слободата, за мене лично тоа е најважно. Тоа не претставува само професија, туку и можност за да и служам на мојата земја. Од друга страна, можноста која што ни ја обезбедува Titus Flavius Orestes тоа што го учиме да го применуваме во практични случаи уште во периодот додека студираме е одлична основа за нас. Тоа не тера на многу начини да размислуваме, да наоѓаме решенија за секаков вид проблеми.“ – Дарко Фармакоски, Струга

„Студирањето на Правниот факултет е непроценливо искуство, кое што ми овозможи да се стекнам со квалитетно теоретско знаење, но исто така и со практично знаење и практични вештини. Со студирањето стекнав огромен број бенефиции, а една од најдобрите можности беше учеството во Moot Court Клубот “Titus Flavius Orestes”. Преку учеството се запознав со работењето на Европскиот суд за човекови права. Благодарение на тоа ги подобрив моите реторички способности, имав можност практично да ги применам сите мои стекнати знаења.“ – Златко Мариноски, Струга

„Правниот факултет во Битола, покрај тоа што на студентите им дава можност да ги развијат своите сопствени критички, аналитички и споредбени способности, како и способност за решавање на потенцијалните проблеми во областа на правото, исто така им овозможува на истите да се вклучат и да бидат дел од разни дебати, панел дискусии, регионални конференции, симулација на судски процеси во областа на граѓанското и кривичното право, серија на симулација на судски процеси пред Европскиот Суд во Стразбур, како и учество во Правната клиника каде студентите покрај теоретскиот дел, на ваков начин се запознаваат и со практичниот дел кој им помага да го продлабочат своето веќе постоечко знаење и студентот воедно да ја развива својата интер – персонална и професионална комуникација.“ – Викторија Дамеска, Прилеп
„Една од причините поради кои се одлучив да студирам право е да не би бил изгубен во многуте интерпретации на границите поставени врз наведената динамична сфера. Од друга страна, тоа што сум дел од клубот „Titus Flavius Orestes“, преку кој учествуваме на moot court натпревари, ми помага да ги подобрам своите вештини за јавно говорење и да го продлабочам своето знаење во областа на право за човековите права.“ – Димитар Врглевски, Прилеп



„По завршувањето на средното образование, без двоумење се одлучив за правото. Тоа беше мојата најголема желба уште во текот на основното образование. Неговото изучување бара многу упорност, голема посветеност и многу труд, но е исклучително важно и корисно, пред се заради остварување и спроведување на правдата во едно општество.“ – Џули Шутеска, Прилеп

„ Отсекогаш сакав да помагам, сакав да бидам катализатор на се она добро што се случува во поблиската и во подалечната околина. Оттука, произлегува мојата одлука да бидам таму каде што сум сега, на Правниот факултет. Се надевам, јас и моите колеги, со кои имам чест да ги делам факултетските амфитеатри и секојдневно работиме напорно, дека ќе донесеме подобро утре за сите нас. Сé разбира, тоа ќе се случи со силна верба во нас и поддршката која секојдневно ја имаме од кадарот на Правниот факултет. Овој факултет, ми понуди можности да се афирмирам, надоградам, како лично, така и професионално. Настрана од сите пружени пријателства, настрана од одличните предавања и пријатно расположените професори, туку и од вербата во сите од нив дека ништо не е невозможно.“ – Влатко Трповски, Охрид

„Секој од нас се стреми да запише факултет во кој ќе се чувствува исполнето и задоволно. Она што пред неколку години претставуваше предизвик за мене, беше да пронајдам токму таков факултет, токму такво место во кое ќе ги остварам моите аспирации и желби за успех. Изборот кој го направив во ниту еден момент не беше погрешен, напротив, со самото запишување на студиите на Правниот факултет во Битола се пронајдов себеси и патот по кој што сакам да се движам во иднина. Да се биде дел од големото друштво во овој факултет е задоволство. Кога велам друштво, мислам на односите кои ние како студенти ги создадовме и воспоставивме со нашите професори и колеги. Соработката со голем дел од професорскиот кадар ми овозможи дополнително да ја совладам правната материја и да го сакам она што го учам, а во иднина и да го работам. Од таквата соработка, произлезе и онаа со Правната клиника во која што сум член уште од нејзиното основање, односно веќе две години успешна работа. Преку Правната клиника ми беше овозможено да посетувам практична работа на повеќе места, каде успешно можев да ги применувам знаењата кои ги стекнав за време на студиите.“ – Ангела Јовчевска, Битола – добитничка на стипендијата Тома Фила.



„ Соборив еден голем предизвик, но не сама, бидејќи вклученоста во активностите и програмите кои ги нуди Правниот факултет ги искористив во моја полза .
Дел сум од Правната клиника која ми овозможи пракса во суд и институции, отворени разговори и дискусии со врвни правници кои несебично ги делеа со нас своите долгогодишни искуства , борби и успеси, допуштајќи ни да се вмешаме во нивните стории и отстапувајќи ни го нивното место за момент “да ја загризиме и ја почуствуваме горчината и сладоста на професијата“ при решавање на случаи од праксата.“ – Симона Стојчевска, Ресен

„ Кога би направила една ретроспектива и анализа на моите четиригодишни студии на овој факултет, особено би сакала да потенцирам, дека Правниот факултет претставува високообразовна институција која во нашата држава е една од првите и ретки институции која на современ начин ја презентира правната наука на своите студенти. Кога зборувам за современ начин, мислам на одлично усовршување и совладување на теоретскиот сегмент, меѓутоа, она што е препознатлив белег и новитет на овој факултет, тоа е новоформираната „Правна клиника“ која е моќна алатка која ни овозможи паралелно практицирање на правото и кое ни овозможи да бидеме дел од државните институции кои се носители на оваа дејност.“ – Мерита Шахин, Битола

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование