X
 12.02.2021 Уметност

Алатка од „Гугл“ ви овозможува да се ставите во кожата на лице со синестезија

Кога сликарот Василиј Кандински гледал жолта боја, тој слушал труби. Гледањето во црвена боја за него значело слушање виолини, а сината му ги носела звуците на оргули.


Фото: Василиј Кандински/Wikipedia

Познатиот руски уметник го имал невролошкото нарушување наречено синестезија. Луѓето со оваа состојба слушаат бои и форми или вкусуваат зборови. Нов проект од „Гугл артс енд калчр“ наречен „Свири го Кандински“ (англ. Play a Kandinsky) им овозможува на корисниците да го слушнат она што можеби го слушал Кандински кога гледал во различни бои.

Со интерактивната алатка овде може да го „слушате“ неговото уметничко дело „Жолто, црвено, сино“ со притискање на делови од сликата.


Фото: „Жолто црвено сино“/Wikipedia

Експерименталните музичари Антуан Бертин и НСДОС работеле со „Гугл“ за да ги анализираат белешките на Кандински за неговата состојба, а потоа била создадена алатката со помош на компјутер.

- Бојата е клавијатурата, очите се мелодиите, душата е пијаното со многу жици. Уметникот е раката што свири, допирајќи еден клавиш или друг за да создаде вибрации во душата - изјавил Кандински.

И други уметници - поетот Артур Рембо и музичарите Били Ајлиш и Фарел Вилијамс изјавиле дека ја имаат оваа состојба.

Автор: Лесли Кец
Извор: cnet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност