X
 20.08.2018 Технологија

Технолошки пресвртници по кои ги помниме 80-тите

Од „вокмен“ до „гејм бој“, ова се технологиите што ќе ги помниме, а кои се појавиле во текот на 80-тите години од минатиот век.

1. „Вокменот“ на „Сони“


Фото: Profimedia


Мал број уреди веднаш ќе ги поврземе со 80-тите како што можеме да го направиме тоа со „вокменот“. На пазарот во САД и во Велика Британија јапонското мало чудо се појави во 80-тите години, а на просторот на поранешна Југославија започна да пристигнува во средината на овие години. Може да се каже дека овој уред беше претходник на ем-пе-3 плеерите, ајподот и други.

2. Цеде


Фото: Profimedia

Заедничкиот изум на „Сони“ и „Филипс“ беше закана за винилските грамофонски плочи. Денес децата не знаат ни за што се користи цедето. На цедињата не само што можевте да снимате музика туку и компјутерски игри, видеа и датотеки.

3. „Мајкрософт Виндоус“


Фото: Wikimedia Commons


Денес најпопуларниот оперативен систем за десктоп-компјутери. Првото издание, „Виндоус 1.0“, излегло на пазарот во ноември 1985 година. Создаден како конкуренција на софтверот на „Епл“, првиот „Виндоус“ бил многу поинаков од денешниот по тоа што најмногу бил надградба на оперативниот систем МС-ДОС. Сепак, нудеше препознатливи апликации како „Пеинт“, „Контрол панел“ и „Ноутпад“.

4. „Епл мекинтош“


Фото: Profimedia


Уредите на „Епл“ денес се синоним за паметен дизајн и висок квалитет на изработка. Но оваа репутација почнала да се развива во текот на 80-тите. Првиот „мекинтош“ првпат бил продаден во јануари 1984 година, а бил создаден од коосновачот на компанијата, Стив Џобс, и бил именуван според вид јаболко што неговиот колега Џеф Раскин најмногу го сакал. Всушност, овој компјутер бил првиот голем чекор на „Епл“ кон глобалниот успех.

5. „Ај-би-ем 5150“


Фото: Wikimedia Commons

На пазарот за десктоп-компјутери во 80-тите не доминирале ниту „Епл“ ниту „Мајкрософт“. Оваа титула ја добила компанијата Ај-би-ем. Иако примитивен според денешните стандарди (64 килобајти РАМ, 16 битен процесор на 4.77 мегахерци) и со цена од околу 2.000 долари, моделот 5150 помогнал во ширењето на компјутерот надвор од бизнис-секторот.

6. VHS наспроти „бетамакс“


Фото: Profimedia


Луѓето што во 80-тите години гледале домашни видеоснимки биле поделени на две групи - љубители на VHS и љубители на „бетамакс“. На крајот VHS победи благодарение на паметната интеграција со растечки пазарен камкордер. Но славата не траела предолго бидејќи пазарот го освои прво цедето, а потоа дивидито.

7. „З-Екс спектрум“ и „комодор 64“


Фото: Bartek Gatz

Овие уреди ги отворија вратите не само кон програмирањето туку и кон компјутерските игри. „З-Екс спектрум“ настанал од фрустрацијата на Клајв Синклер откако ја изгубил работата во Би-би-си. Овој уред овозможи создавање и играње игри на дотогаш незамисливо ниво. „Комодор 64“, од друга страна, и ден-денес се смета за најпродаван компјутер на сите времиња. Беше особено популарен во Југославија.

8. „Гејм бој“


Фото: William Warby


Првиот „гејм бој“ на „Нинтендо“ бил пуштен во продажба во 1989 година и бил сензација што може да се спореди со „вокменот“. Кога се појавија игрите „Тетрис“ и „Супер Марио Ленд“, овој уред стана културна икона.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија