Според податоците на американската Агенција за труд, семејствата со просечен приход трошат меѓу 8,9 и 16 отсто од своите приходи за некаков вид грижа за децата. Кај семејствата со пониски примања, овој процент е уште поголем, а често пати едноставно немаат доволно средства за да си ја дозволат услугата. По анализата на тоа како оваа ситуација влијае и врз родителите и врз давателите на услуги, државата Ново Мексико реши да ја направи грижата за деца бесплатна за многу семејства, а токму со ваквиот чекор државата успеа да извлече 120.000 луѓе од сиромаштија.
Политиката за бесплатна грижа за деца започна за време на пандемијата.
- Ковид создаде исклучителен момент во кој сфативме колку е важна грижата за деца. Како нација се соочивме со фактот дека немаме работна сила доколку нема грижа за децата - изјави Хејли Хајнц, заменик-директорка на Институтот за политики „Од лулка до кариера“ при Универзитетот на Ново Мексико. Со поддршка од зголемените федерални средства, државата понуди бесплатна грижа за деца за сиромашните семејства, што опфати околу половина од децата во Ново Мексико.
Вложувањето во раниот детски развој дава најголем поврат
Две години подоцна, програмата веќе не беше поддржана со федералната ковид-помош. Наместо тоа, разликата ја пополни Фондот за рано детство, формиран во 2020 година и финансиран преку приходите од нафта и гас, како и процент од Фондот за трајни земјишни грантови. По почетната инвестиција од 300 милиони долари, до крајот на минатата година фондот нарасна на 9 милијарди долари.
Со овие мерки, Ново Мексико ги зголеми платите на работниците во системот за грижа за деца, извлекувајќи многу од нив од сиромаштија. Меѓу 2020 и 2024 година бројот на воспитувачи и негуватели што живееле под линијата на сиромаштија, од кои многумина се жени од различни етнички заедници, се намали за 11,4 отсто. Кај родителите, бесплатната грижа за деца не само што го отстрани товарот од високите трошоци, туку и им овозможи да се образоваат и вработат, што значително ги зголеми нивните можности и буџети.
Овие напори се базираат на т.н. „Крива на Хекман“, тезата на економистот Џејмс Хекман дека вложувањето во раниот детски развој дава најголем поврат бидејќи води до животен успех и долгорочно намалување на општествените трошоци. Бидејќи првата група деца што добија бесплатна грижа сега тргнуваат на училиште, ефектите сè уште не се целосно видливи, но поддржувачите на програмата се уверени дека најсилните резултати ќе се почувствуваат во иднина.
- Ова е голема инвестиција за која знаеме дека ќе се исплати. Гувернерката сфати дека вложувањето во човечкиот потенцијал е еднакво важно како и сите инвестиции што ги правиме во инфраструктурата - вели Елизабет Грогински, секретарка на Одделот за рано детско образование и грижа во Ново Мексико.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Freepik