X
 12.12.2021 Колумни

Дополнителната и додатната настава треба да бидат задоволство и потреба, а не одбивност

Во рамките на редовната настава, согласно Законот за основно образование, наставниците организираат дополнителна и додатна настава за учениците, или во договор со учениците, или по распоред кој се истакнува во самото училиште со точно определен ден и термин.
Дополнителната настава се организира за ученици кои не разбрале доволно и не совладале на часот, или недоволно покажале интерес за тоа што се изучува, односно за ученици кои послабо напредуваат во учењето. Додека, пак, додатната настава има цел да им помогне на учениците да напредуваат и да ги надградуваат знаењата и вештините. Во двата вида настава потребата е корисна и позитивна, затоа што суштината е учениците да не заостануваат, ами да го следат материјалот и, секако, да напредуваат. Оттука, потребата од оваа настава е оправдана и треба да се одржува.

Дополнителната и додатната настава - потреба да се помогне

Кога се организира дополнителна и додатна настава, не значи дека треба да се остане 1 или 2 часа од редовните часови, или пред час, па на учениците да им дојде да имаат 8 или 9 часa. Не е тоа целта на овој вид настава. Точно дека треба да се води сметка да не се поклопат плус часови доколку ученикот во денот има 7 часа, или плус други активности надвор од училиштето, тренинг, спремање и сл. Токму затоа, оваа настава не треба да се сфати како товар или како одбивност, напротив, во договор со предметниот наставник може да се реализира на успешен начин. Има ученици (ретки се) кои самите бараат и сакаат дополнителен час и секој наставник треба со задоволство да им излезе во пресрет со цел да се реализира тој час од дополнителна или од додатна настава. Само така материјалот се надополнува, се стигнува со другите ученици и не се заостанува, односно не се стои в место. Истото важи и за учениците што се подготвуваат за натпревари, или за учество на олимпијади итн., има безброј потреби кога постои искрена желба и волја. Не треба ученикот да се почувствува како „измачен“ ако дојде еден час, пред час, или ако имал помалку часови, па остане половина час, да се доразјаснат некои недоречености. Доволен е само интерес, а понатаму предметниот наставник ќе најде начин и ќе се договори за да се реализира тој час. Колку е паметно и чесно кога ќе чујам ученик да праша: „Наставнику, мене ова и ова не ми е јасно, дали ќе може да ми објасните/помогнете?“ Секако, тоа не значи дека веднаш треба да се оди на дополнителен час, но доколку на редовниот час не се совлада тоа, постои можност да се расчисти дилемата и сѐ да биде јасно. Сите ученици не се исти, исто како и возрасните. Најдобро е кога наставникот ќе процени, или кога ученикот навистина има потреба, да се организира ваков вид настава, чија придобивка е да дообјасни, да помогне, да додефинира, односно да се излезе во пресрет на потребите на ученикот.

Правилната организација бележи резултат

Без сомнение, секој родител дава морална поддршка и согласност во организацијата на оваа настава кога неговото дете треба да донаучи и надомести изгубен материјал, или кога сака и треба да знае повеќе од тоа што го учи. Не постои пречка во добрата организација на дополнителната и додатната настава. Но, доколку доаѓа до одбивност од страна на ученикот (макар што не треба), тогаш веќе не се оди против неговата желба. Има граница до каде може да се дејствува, и толку е доволно. Никој не сноси вина и одговорност ако ученикот не сака да учи. Таа желба се носи од мали нозе. Како еднаш ќе се стекне навиката за учење, така ве следи целиот живот. Искрено посакувам, и еве, еден повик до сите ученици што имаат потреба од овие два вида настава, слободно, да им се обратат на наставниците, да поразговараат со нив и да се договорат кога ќе имаат дополнителен или додатен час. Нема наставник што нема да ги разбере или пак ќе ги одбие. Верувам дека ќе биде така. За еден месец треба да заврши првото полугодие, а потребата од поправање оценка, исто така, се наметнува... Така што воопшто не треба да се размислува дали денес ќе ми дојде да имам 6 или 7 часа. Сигурно, тоа е за мое, твое, нивно добро. И, се разбира дека се издржува. Ученици кои имаат зацртана цел на училиште се одговорни ученици. И тие ученици не сакаат ни час да изгубат, а камоли да бидат отсутни од училиште. Понекогаш се случува и најдобрите ученици да посетат дополнителна настава, но тоа е многу, многу ретко. Се знае, и веднаш се проценува: ученик кој си учи и ученик на кој книга не му се фаќа. Мислам дека работите можат да бидат многу подобри од тоа како изгледаат и дека навистина со волја и желба може да се постигне завиден резултат. Ете тоа е успех (за почеток минимален, а со текот на времето и максимален)!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни