X
 13.04.2020 Живот

Кинеската влада изготви нацрт-листа со животни што може да се одгледуваат за јадење

Кинеската влада објави нацрт-листа со животни што може да се чуваат за месо среде пандемијата на коронавирусот, за која постојат сомнежи дека почнала да се шири од диви животни од пазарите за месо и животни во Вухан.

Пекинг привремено ја забрани трговијата на диви животни за храна по појавата на епидемијата, која сега е глобална и од која се заразени повеќе од 1,6 милион лица, но новиот закон сѐ уште не е финализиран.

Кинеското министерство за земјоделство минатата недела изготви нацрт-листа со животни за кои се смета дека може да се користат како стока, вклучително и свињи, крави, кокошки и овци, како и „специјални животни“: срни, алапаки и ноеви. Два вида лисици, ракуни и визони исто така може да се чуваат како добиток, но не за нивното месо.

Не се споменати видовите животни за кои научниците се сомневаат дека го прошириле вирусот кај луѓето, како што се панголините, лилјаците и цибетките.

Исто така, на листата ги нема ни кучињата, па ако таа и формално се спроведе, тоа би била првата забрана во цела Кина за консумација на кучешкото месо и тоа би било голема победа за активистите за права на животните.

- Со напредокот на човечката цивилизација и грижата на јавноста, како и наклонетоста кон заштита на животните, кучињата еволуираа од традиционална стока во животни-придружници. Тие општо веќе не се сметаат за добиток во остатокот од светот. Не се советува во Кина да се ставаат на листата со добиток - стои во придружното објаснување на нацртот.

Нацртот сѐ уште треба да се финализира и јавноста може да реагира до 8 мај.

Од организацијата „Хјуман сосајети“ (ХСИ) истакнаа дека нацрт-предлогот може да биде голема промена во однос на заштитата на животните во Кина.

- Мораме да го почекаме резултатот на фазата на консултациите, но овој нацрт може ефективно да го пробие патот за Кина официјално да ги тргне кучињата и мачките од менито - истакна Венди Хигинс, портпаролка на организацијата.

Првичната епидемија на новиот коронавирус се поврзува со таканаречените мокри пазари во Вухан во централна Кина, каде што различни видови диви животни се продаваат како месо, вклучително и змии, бодликави прасиња и ракунолики кучиња.

Консумацијата на диви животни не е честа во поголемиот дел од Kина, но постои високо профитабилна трговија, особено во јужниот дел од земјата.

Кога дивите животни се чуваат многу блиску и во несанитарни услови, експертите велат дека има голем ризик од ширење на вируси меѓу животните, а потоа потенцијални и кај луѓето.

Истражувачите теоретизираат дека можеби лилјак или панголин го пренел вирусот кај луѓето, но сѐ уште нема конечен одговор за тоа.

Извор: CNN
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот