X
 13.06.2020 Живот

Дали апликациите за следење на расположението навистина може да помогнат против депресијата?

Последниов период навикнати сме да слушаме упатства од Светската здравствена организација за состојбата со Ковид-19, но не смееме да занемариме и еден алармантен податок од пред пандемијата.

Повеќе од 300 милиони луѓе во светот страдаат од депресија секоја година. Уште полошо, 150 милиони никогаш не биле дијагностицирани - и затоа на овие луѓе не им е даден правилен третман, што од депресијата прави незапирлива епидемија за која нема вакцина.

Уредите што ги користиме не помагаат во оваа ситуација бидејќи голем број луѓе упорно се жалат на тоа дека токму социјалните мрежи ја зголемуваат вознемиреноста и чувството на инфериорност. Паралелно со тоа се зголемува интересот за апликации за следење на расположението што ни овозможуваат да станеме посвесни за тоа кои сме.

- Поминавме многу повеќе време на нашите компјутери, така што важно е да ги знаеме апликациите што ги користиме, социјалните медиуми што ги консумираме - важно е да бидеме свесни дали ова ја подобрува нашата благосостојба или ѝ штети - вели основачот на апликацијата за следење на расположението „Мису“, Ден Сеидер.

Тој неодамна ја лансира апликацијата што прави фотографии од корисниците додека тие го користат компјутерот за нивните емоции да бидат анализирани преку вештачка интелигенција. Софтверот ги набљудува микропромените во фацијалните експресии на корисниците, како што е суптилно мижење со очите, подигнување на веѓите и слично. Врз основа на анализите, апликацијата им кажува на корисниците кои веб-страници им предизвикуваат вознемиреност, а кои ги прават среќни.

sledenje
Фото: Screenshot/YouTube

Сеидер почувствувал потреба од ваква апликација откако му било дијагностицирано биполарно нарушување.

- Мојот психијатар и мојот терапевт ми препорачаа да го следам расположението затоа што помага да се изгради емотивна свест  за тоа како се чувствувам - вели тој и додава дека со следење на расположението преку сеопфатен запис на емоциите ќе може да се промени и регулира однесувањето за човек да биде посреќен, помалку вознемирен и помалку депресивен.

- Сакам да ги поттикнам луѓето за да можат да бидат посвесни за нивните чувства и да разберат како она што го прават влијае врз нивното расположение, на пример, како користењето на „Нетфликс“ влијае врз нивното расположение во споредба со јога или медитација - вели тој.

Во основа и другите апликации функционираат на сличен начин. Повеќето од нив ви поставуваат прашања трипати дневно кои се однесуваат на вашата емотивна и физичка состојба: „Дали имате значително помалку енергија?“ или „Дали самодовербата ви е пониска од вообичаено?“ Одговорите се евалуирани со адаптивен алгоритам, кој потоа поставува дополнителни прашања приспособени на реакциите на секој индивидуален корисник.

Но, тоа е само врв од ледениот брег на посериозна посветеност на менталното здравје и не може да се замени со стручна помош.

Извор: Noizz.rs | Guelphtoday.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот