X
 13.09.2021 Технологија

Се очекува „Епл“ утре да го претстави новиот ајфон, еве што можеме да очекуваме

Ајфон 13 утре веројатно ќе го има своето деби на најновиот настан на „Епл“. Слично како и ланското претставување на ајфон 12, „Епл“ и годинава ќе одржи само онлајн настан поради пандемијата. Иако настанот ќе биде целосно виртуелен, според аналитичарот Минг-Чи Куо, се очекува да бидат претставени четири верзии на новиот телефон: ајфон 13, ајфон 13 Mini, ајфон 13 Pro и ајфон 13 Pro Max.

Куо очекува ајфон 13 Pro и ајфон 13 Pro Max да имаат по еден терабајт меморија, а вели дека ајфон 13 и ајфон 13 Mini ќе имаат конфигурации со мемории од 128 GB, 256 GB и 512 GB, но без опција за 64 GB.

Аналитичарот очекува на утрешниот настан да бидат претставени и AirPods 3, но и AirPods 2 да останат достапни.

Претходни шпекулации посочуваа на тоа дека линијата на ајфон 13 ќе вклучува четири модели со иста големина како минатогодишните. Се очекува новите телефони да имаат подобрени камери, кои вклучуваат режим за видеопортрет и за астрофотографија, подобрени ултрашироки леќи и подобар оптички зум за снимање видео.

Според други шпекулации околу Apple Watch 7, се очекува побрз процесор и нов дизајн на хардверот, вклучувајќи и поголеми екрани. Се очекува и iPad Mini да добие голем редизајн.

Настанот можете да го следите утре во 19 часот на линкот подолу.



Извор: The Verge | cnet.com
Насловна фотографија: apple.com (printscreen)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија