X
 13.09.2023 Образование

Дамјан Давков го освои првото злато за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

На седмата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2023), која од 8 до 14 септември се одржува во Кутаиси, Грузија, младите македонски информатичари го постигнаа досега најголемиот успех: освоен е првиот златен медал за Македонија во историјата на ова натпреварување, соопштија од Здружението на информатичари на Македонија.

Златниот медал на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје.



Забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалница, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот). 

Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34. пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.



Годинава официјален домаќин на ЕЈОИ е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование и наука на Грузија, во соработка со Интернационалниот универзитет во Кутаиси. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да им се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето.



Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик-лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

- На овогодишната олимпијада учествуваат вкупно 95 ученици од 24 европски земји. Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања сега го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа и поддршка на учениците од наша страна, од страна на нивните ментори, нивните родители и, се разбира, на нивниот талент и посветеност преку редовна работа да дојдат до посакуваниот успех. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат и талент и знаење со кое може да се рамнат, а некои од нив како Дамјан, дури и да застанат пред своите врсници од цела Европа. Им благодарам на ФИНКИ и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите што редовно ги поддржуваат нашите активности - изјави претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов.

Следната, осма по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024) ќе се одржи идната година во Молдавија. Следен настан што им претстои на македонските ученици-информатичари е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2023), која ќе се одржува од 29 октомври до 4 ноември во Марибор, Словенија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование