X
 11.01.2015 Образование

Студентите во "Кузман Јосифовски-Питу" учат на студено и во темница

Студено е. Сите брзаат да стигнат дома за да се стоплат. Студентите сместени во „Кузман Јосифовски-Питу“ седат на кафе или во трговски центар што подолго за да не би морале да отидат дома за да се мрзнат. Тоа е проблемот со образованието од кој треба да почнеме доколку сакаме позитивни реформи.


На помалку од 500 метри од студентскиот дом ќе најдете илјадници светилки, а да не ги споменуваме и споменици, раскошни фасади итн. Се инвестира во новиот изглед на градот. Се инвестира и во други работи. Тоа е убаво. Но, каде се тука студентите?

Во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ нема парно греење цела зима. Впрочем, ова не е вистина. „Има“ парно греење одвреме-навреме. Дали тоа е доволно за да се стоплат тројца или четворица во соба? Тоа е веќе друго прашање.

Студентите велат: „Некогаш има, некогаш нема парно. Но, тогаш кога има парно, тоа не е доволно за да се стоплиме и седиме во јакни“.

Велат дека кој ќе се снајде, тој и ќе живее. Така и студентите некако преживуваат со помош на греалки кои ги носат од дома. Меѓутоа, тука се раѓа нов проблем. Инженерите знаат дека е потребна силна електрична енергија за да работат поголем број греалки истовремено. Во спротивно, настанува крах. Струја нема. Е, тогаш на спас доаѓа прекривката. За учење се користат свеќи.

Замислете како би учеле за таканаречениот државен испит.

Повеќе студенти ми потврдија дека парно често снемува, а кога има не е доволно за да се стоплат. Цела зима редовно снемува и струја. Вчера немало струја. Денес парно „има“.

Одговорната служба во студентскиот дом не одговара на мојот обид за контакт.

Се прашувам што треба да сториме за овие студенти да го добијат она за што имаат право и за што веќе ПЛАТИЛЕ.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование