X
 15.08.2023 Образование

Одлука за идната кариера

Со оглед на тоа што овој текст го посветувам на младите луѓе (средношколци и матуранти) кои треба да направат избор и да донесат одлука за нивната идна професија, кој ќе им ја одреди и професионалната кариера, односно да направат избор за упис на факултет, накратко сакам да им посочам на информациите за земјоделските науки и храната и зошто да ја изберат оваа област и да се запишат на факултетите од областа на земјоделските науки и храната

Автор: проф. д-р Драги Димитриевски - редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје


Одлучувањето е процес во кој донесуваме избор за една од повеќето алтернативи кои ги имаме на располагање. Во секојдневниот живот постојано се среќаваме со правење избор за најразлични потреби. За да се направи избор и да се донесе одлука потребно е да постојат повеќе алтернативи. Доколку имаме случај кога за некој избор постои само една понуда, тогаш практично нема избор и не се одлучува. Во процесот на одлучување најчесто се поставува прашањето за „вистинската“ одлука, дали направивме „добар“ избор и дали ако одлучевме и избравме нешто друго, ќе беше подобро. Ова особено се однесува на т.н. животни одлуки, односно на изборот на алтерантивата за тоа што ќе ни го одреди животниот и професионален пат. Неретко ќе слушнеме од најразлични луѓе што оствариле кариера за тоа дали кога би се вратиле на почетокот повторно би ја избрале оваа професија?

Во теоријата за одлучувањето утврдено е дека изборот за „најдобрата“ одлука е пооптимален и полесен доколку се располага со што е можно повеќе информации. Со оглед на тоа што овој текст го посветувам на младите луѓе (средношколци и матуранти) кои треба да направат избор и да донесат одлука за нивната идна професија, кој ќе им ја одреди и професионалната кариера, односно да направат избор за упис на факултет, накратко сакам да им посочам на информациите за земјоделските науки и храната и зошто да ја изберат оваа област и да се запишат на факултетите од областа на земјоделските науки и храната.

Веќе подолг период сме сведоци на кризи од различни причини, во кои храната е на врвот на приоритетите на државите и на целиот свет воопшто. Во јавноста постојано се повторува: „Дали ќе има доволно храна?“, „цените на храната растат“, „цената на храната е еден од клучните елементи за поттикнување на инфлацијата“ итн.



Веќе не може да се игнорира значењето на производството на храна (иако никогаш и не се игнорирало) и не може земјоделството, кое единствено ја произведува храната, да се остави на чистата либерална економија и на пазарот, без интервенции од државата за што во некои минати периоди постоеле и такви тенденции.

Значи, земјоделството е стопанската област која е од клучно значење во одговорот на претходно наведените прашања за храната, нејзината достапност до секој човек во доволни количини и во секое време на сите делови од светот. Земјоделството е областа која единствено овозможува производство на храна и област која ќе придонесе во остварување на пет од седумнасетте цели за одржлив развој на Обединетите Нации, а кои треба да доведат до крај на сиромаштијата, да ја заштитат планетата и до 2030 година да обезбедат сите луѓе да живеат во мир и просперитет. Заради овие задачи на земјоделството и Европската Унија во нејзиниот „Зелен договор“ изработи стратегија „Од фарма до виљушка“, која треба да обезбеди изградба на одржлив систем на храната, односно земјоделство кое ќе има неутрално влијание врз животната средина, ќе се справува со климатските промени, да го одржи биодиверзитетот, да обезбеди доволни количини храна и да ги обезбеди производителите на храна да генерират соодветен доход и да се одржи конкурентноста на секторот за снабдување со храна промовирајќи фер трговија. Погоре наведените цели и задачи се однесуваат и на Република Македонија, како држава која е кандидат за членство во ЕУ и која како главен пазар го има пазарот на ЕУ и која очекува да ги започне преговорите за идно членство во ЕУ.

Сето ова е сериозна задача за сите кои се инволвирани во областа на земјоделството. Ова е задача на земјоделските производители, на тие што се во агробизнисот, во преработувачката индустрија, во трговијата со земјоделско-прехранбени производи, и претставува предизвик за наставно-научните работници и за државните институции во областа на земјоделството и храната. Ова се задачи и цели кои треба да се остваруваат во наредните години и затоа голем дел од овие задачи ќе припаднат на наредните генерации (сегашни и идни студенти) кои ја избрале или ќе ја изберат за своја професионална кариера областа на земјоделските науки и храната.



Во еден мој текст за иднината на македонското земјоделство потенцирав дека иднината на македонското земјоделство припаѓа на младите, односно на генерацијата која порасна со новите информациски технологии кои сè повеќе навлегуваат во земјоделството, како силна алатка за справување со многуте предизвици на земјоделството. Заради тоа овие млади генерации потребно е да се образоваат во областа на земјоделските науки и храната и да ги совладаат основните фундаментални земјоделски дисциплини кои потоа органски ќе ги поврзат со технолошко-техничките операции и ќе се стекнат со аналитички знаења за функционирањето на земјоделско-прехранбениот систем.

Матурантите сега (а средношколците во иднина, кога ќе бидат матуранти), кои се пред одлука за избор на факултет за упис (можат да одлучуваат затоа што имаат многу алтернативи), ја имаат и алтернативата за факултет од областа на земјоделските науки и храната www.fznh.ukim.edu.mk. Доколку тоа биде нивниот избор, погоре наведените цели и задачи на земјоделството ќе станат нивен предизвик.
А што може да добијат на факултетот? Ќе ги добијат фундаменталните знаења за земјоделството, како дисциплините од биолошките и хемиските науки, науките за ресурсите и животната средина, кои ќе бидат основа за изучување на технолошките дисциплини. Студентите ќе можат да специјализираат во областите на анималната и растителната биотехнологија. Ќе може да ги изучат технологиите за одгледување, чување, заштита, исхрана, селекција на домашните животни, како и производите и преработките од сточарското производство. Во растителната биотехнологија на располагање на студентите им се повеќе насоки со кои ќе се специјализираат во поледелското производство, во градинарството и цвеќарството, во овоштарството, лозарството и во преработките од поледелството, овоштарството и лозарството. Покрај ова, студентите ќе можат да изберат и насоки со кои ќе се остручат за квалитетот и безбедноста на храната како значаен дел од системот на здравјето на луѓето и животните. Како извонредно значаен дел е и насоката за фитомедицина, која се занимава со здравствената заштита на растенијата и која е клучен дел од фитосанитарниот систем, кој, пак, е важен дел од безбедносните стандарди на храната и со тоа со конкурентноста на прехранбените производи на пазарот. Насоката за агроекономика ќе ги остручи студентите за микро и макроекономски анализи, анализа на пазарот, а сето тоа значајно за економското работење на производителите, економската состојба на целиот земјоделско-прехранбен сектор, како основа за креирање и анализа на земјоделските политики на државата.

Ова се само некои од информациите со кои сакам да дадам придонес за матурантите во нивната одлука и избор за упис на факултет од областа на земјоделските науки и храна. Доколку го поттикнав интересот секој може да обезбеди и дополнителни информации од најразличните извори на електронските страници http://www.fznh.ukim.edu.mk/mk/dodiplomski, а сè со цел да донесат „вистинска“ одлука и да направат „добар“ избор. Во таа насока, на сите матуранти кои ќе се запишуваат на факултетот за кој направиле избор им посакувам успех во понатамошното студирање, да бидат успешни во усвојувањето на знаењата и изградат успешна кариера.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование