X
 13.12.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Како се одредува колку долго ќе останете во изолација поради Ковид-19?

Голем дел од позитивните пациенти немаат јасна слика за тоа што значи асимптоматски случај и се случува да бидат пуштени од изолација за десет дена и покрај тоа што во текот на лекувањето пројавиле благи симптоми на болеста. Најчесто такви се примерите кај оние што имале промени во осетот за мирис и за вкус, но не им биле целосно изгубени

Десет или дваесет дена е периодот на изолација и домашно лекување кој го добиваат оние што преку тест (земање брис) ќе бидат потврдени како позитивни случаи на Kовид-19. Решенијата за изолација ги издава Државниот санитарен и здравствен инспекторат и до лицата ги праќа преку апликацијата за комуникација „Вибер“.
Колку дена лицето ќе биде во изолација, зависи од тоа какви симптоми ќе пројави во текот на лекувањето, како и дали причина за неговото тестирање била висока температура или некој од карактеристичните симптоми за присуство на Ковид-19.
Според Решението, десет дена лекување и изолација во домашни услови од денот на тестирање (земање брис) добиваат луѓето без симптоми, или асимптоматските случаи. Сите други што ќе пројават каков било симптом остануваат во изолација 20 дена.

Голем дел од позитивните пациенти немаат јасна слика за тоа што значи асимптоматски случај и се случува да бидат пуштени од изолација за десет дена и покрај тоа што во текот на лекувањето пројавиле благи симптоми на болеста.
Најчесто такви се примерите кај оние што имале промени во осетот за мирис и за вкус, но не им биле целосно изгубени.
Иако тоа се смета за симптом за болеста, сепак, по извештаите на матичните лекари не секогаш се забележува симптом за губење мирис и вкус и по таа основа тие лица порано завршуваат со лекување и со изолација во домашни услови.

Колкава ќе биде изолацијата на пациентот, се оформува според извештаите што матичниот лекар ги изготвува секојдневно и ги испраќа во електронскиот систем „Мој термин“, по комуникацијата со секој пациент поединечно.

Сепак, епидемиолозите се децидни и велат дека и пројавување каков било лесен симптом се смета за симптоматска состојба на болеста. Посочуваат дека нема мали или големи симптоми на болеста, туку лесни, средно лесни и тешки симптоми.
Под асимптоматски случај се подразбира само она лице што воопшто не пројавило никаков симптом на болеста.


Фото: Фрипик

Д-р Ирина Бухова-Сотирова, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вели дека оттаму само ги изготвуваат решенијата за изолација на позитивните пациенти. Одјавата на секој пациент поединечно ја прават центрите за јавно здравје.
- Сè зависи од тоа какви симптоми ќе забележува матичниот лекар секојдневно во „Мој термин“. Останатите процени ги прават епидемиолозите од центрите за јавно здравје - посочува Бухова-Сотирова.

Во Решението е наведено и дека доколку во текот на лекувањето и изолацијата во домашни услови има потреба од болничко лекување, пациентот треба да се јави на телефонот 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот.

Според д-р Бесим Зекири, директор на Центарот за јавно здравје, процената за тоа колку еден пациент ќе биде на лекување и во изолација во домашни услови ја прават епидемиолозите според она што матичните лекари го завеле за секој конкретен пациент.
- Оние, пак, што се во изолација поради позитивен член во семејството добиваат изолација во домашни услови 14 дена - посочува директорот Зекири.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема