X
 01.03.2016 Образование

Се` што треба да знаете за студирањето во САД

Во САД се наоѓаат некои од најдобрите универзитети во светот. Според официјалната листа на најдобри светски универзитети, речиси еден во секои 5 универзитети на листата се од оваа земја. Само во претходните две години, околу 770.000 млади луѓе од целиот свет заминале на студии во Америка.


Најпопуларни сојузни држави за студирање се Калифорнија, Њујорк и Тексас, а најпопуларни дејности се бизнис и менаџмент, инженерство, математика и информатички технологии. Но, квалитетот на универзитетите не е единствената работа што ги привлекува студентите. Тука се и метрополите карактеристични по брзиот живот и многуте настани, помирните места со уникатна убавина, недопрената природа на Западот, сончевите плажи итн. Накратко, САД нуди нешто за секого.

Факултети во САД

Огромниот избор на универзитети и факултети во САД пружа секому можност да најде совршена студиска програма. Дури и кога ќе одберат нешто што не им се допаѓа, промената на факултетот е лесна и многу студенти се одлучуваат за овој потег. Основните студии траат воглавно четири години. остојат некои битни разлики меѓу студирањето кај нас и во Америка.

Првиот дел на студиите во Америка се базира на разни предмети од кои некои се задолжителни, а некои изборни. Потоа, студентите бираат главен предмет на кој сакаат да се фокусираат. Освен главниот предмет, може да се одбере и спореден предмет кој ќе биде додаток во дипломата. Кога ќе одберете факултет на кој сакате да се запишете, првото нешто што треба да го направите е да проверите дали е акредитиран.

Зошто акредитацијата е битна?

Акредитацијата во САД не ја врши централната влада туку волонтерските невладини организации се тие кои го проверуваат стандардот и квалитетот на установите. Ако факултетот или универзитетот кој го одберете не е акредитиран, постои веројатност дека вашата диплома нема да биде признаена од други факултети и работодавци. Многу универзитети имаат дозвола за примање студенти од странство, но тоа не значи дека се акредитирани. Најдобар начин за проверка на акредитацијата на некој факултет е да се контактира Здружението за акредитација на високообразовните установи и Министерството за образование на САД.

Целосен список од универзитетите во САД според нивниот ранк на официјалната светска листа пронајдете го ОВДЕ.

Подготовката за пријавување на студии во САД треба да ја започнете 12-18 месеци пред почетокот на студиската година. Првата работа што треба да ја сторите е да го пронајдете факултетот кој најмногу ви одговара. Потоа направете список од курсевите од областите на кои сакате да студирате. Запомнете дека секој факултет има посебна процедура на запишување и различни услови, па најдобро е директно да го контактирате факултетот на кој сакате да се запишете.

Стандардизирани тестови

Поголемиот дел од факултетите бара да положите еден од старндардизираните американски тестови. Ова е еден дел од пријавата и резултатите од тестот се земаат предвид при селекцијата на студентите, меѓу останатите фактори. Разбирањето на англиски јазик е основен услов за студирање во САД. Ако доаѓате од земја која не е од англиското говорно подрачје, потребно е да приложите потврда за знаење на англиски јазик. Овде се важат тестовите како TOEFL, IELTS и PTE.

Не постои одреден минимум бодови за упис, но се гледа резултатот. Покрај овие тестови, факултетите би можеле да ви бараат и некои тестови од општо знаење, како SAT.

Повеќе за овие тестови погледнете на слените линкови:

- http://www.majortests.com/sat/sat-reasoning-test.php
- http://sat.collegeboard.org/about-tests/sat-subject-tests
- http://www.actstudent.org/

Финансиски план

Битно е навреме да го испланирате својот буџет и да ја установите финансиската ситуација. Студиите во Америка се исклучително скапи, па многу студенти од странство бараат финансиска помош од универзитетите. Ова се прави при уписите. Повеќе од половина студенти кои запишуваат некој универзитет во Америка добиваат стипендии. Трошоците за живот и студирање се разликуваат многу низ САД. Доколку навреме започнете да планирате и истражувате, високото образование може да ви биде и исплатливо. Конкурси за стипендии и други видови финансиска помош може да следите ОВДЕ.

Документација

Три најважни документи кои се бараат се: пасош, виза и формулар I-20, односно Потврда за неимигрантски студентски статус, која ја испраќа установата на која сте примени. Пријавување по пристигнувањето Постои одреден рок пред почетокот на семестарот во кој мора да бидете во земјата и да се јавите во релевантната служба на идната образовна установа, а тој рок е наведен во образецот кој го испраќа установата. Се препорачува факултетот да го контактирате веднаш по пристигнувањето.

Вработување

Владата на САД многу строго го казнува нелегалното вработување, односно „работата на црно“. Можностите за вработување се ограничени доколку сте со виза. Токму поради тоа, пред да дојдат во САД, студентите мора да покажат доказ за финансиска стабилност.

Сепак, студентите од странство може да работат на кампусот, која треба да биде одобрена од установата. Потоа, студентите може да посетуваат пракса, но по првата завршена година. Конечно, може да се пријавите и за обука од 12 месеци по секое ниво на студии.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование