X
 31.03.2016 Образование

Како се забавуваат германските ИТ студенти

Четворица студенти по информатички технологии во северногерманскиот град Кил стојат зад поставувањето десетици илјадници светилки на зградата на својот факултет и сега ги користат за играње на класичните видео игри „Тетрис“ и „Брејкаут“.


Факултетот на кој студираат студентите е при универзитетот „Christian-Albrechts“, а неговата зграда веројатно е најмодерната факултетска зграда во светот во моментов, со оглед на тоа што никаде не може да се игра „Тетрис“ на фасада.

„Играњето на оваа игра на овој начин е нешто навистина посебно“, вели Мерлин Коцинг, еден од студентите.

Во рамки на проектот наречен „Project lighthouse“ учествувале Џонас Луц, Андреас Бојсен, Мерлин Коцинг и Крис Кулеса. Тие поставиле точно 56.448 лед-светла со кои ги осветлиле 392-те прозорци на предната страна од зградата. Секое светло има чип со големина на нокт.

Младите студенти дури и ја програмирале играта „Тетрис“ одново, која била создадена од рускиот програмер Алексеј Паџитнов во 1980 година. Виртуелните коцки на ѕидот ги движат до преносен компјутер. За ова работеле приближно 5.000 часа.

Иако била реализирана и на други места, идејата позади уметноста со лед-светла на згради е создадена од Германци и станала популарна во Берлин за време на проект од 2001 година. Првичната идеја за „Тетрис“ на зграда ја имал Луц, кој немал финансии за да го изведе проектот. Потоа, универзитетот започнал да бара спонзори и придонел со 30.000 евра за реализација на идејата.

Моментално, зградата привлекува многу посетители кои доаѓаат да ги гледаат светлата, да прават фотографии или да играат „Тетрис“.

Но, студентите велат дека проектот не е само за забава, туку и за истражување. Имено, се планира проект за Li-fi, систем со кој податоците се префрлаат со светлина наместо радио сигнали.



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование