X
 01.08.2016 Економија

Грчките плантажи се затвораат за македонските сезонски работници


 
Наместо Македонци, сега сезонските работи кај јужниот сосед ги вршат наемни работници од Албанија кои, според грчките газди, се согласуваат да работат и за пониски дневници што ги прави побарани.

Грчките плантажи и ниви во соседна Грција ги „затвораат“ вратите за македонските сезонци кои изминатите години таму масовно работеа земјоделски работи за добри дневници. Наместо Македонци, сега сезонските работи во Грција ги вршат наемни работници од Албанија кои, според грчките газди, се согласуваат да работат и за пониски дневници што ги прави побарани.

Последните две-три години на грчките плантажи ретко може да се сретнат работници од Македонија, што порано не беше случај. Речиси цели семејства од Македонија или па нивните повозрасни членови во текот на одредена сезона заминуваа на грчките ниви. Таму по неколку илјади Македонци по неколку месеци собираа јаболка, портокали, маслинки и други земјоделски производи, со што заработуваа доволно за да ја истераат целата година. Но, последниве години во Грција има наплив од работници од Албанија кои го зафаќаат нивното место.

- Имам неколку ниви со јаболка во околината на Костур, тоа ни е семеен бизнис со кој се занимаваме повеќе од 20 години. Кога ќе дојде време за собирање на јаболката ангажирам најмалку по 30 сезонски работници бидејќи не можеме самите да постигнеме. Порано, на моите ниви, но и на другите во околината секоја есен собираа јаболка многу работници од Македонија кои доаѓаа во Костур специјално за тоа. Речиси сите што ги ангажирав беа од Македонија. Но, лани немаше ниту еден, а според досегашните договори мислам дека ниту годинава нема да има некој Македонец.

Лани сите беа наемни работици од Албанија – раскажува за Факултети.мк сопственик на плантажа со јаболка од Костур кој инсистираше да не го откриваме неговото име.

Дневницата за сезонските работници во овој дел од Грција веќе со години е иста и се движи од 20 до 25 евра. Сепак, грчките газди велат дека голем дел од работниците од Албанија се согласуваат да работат и за помала дневница, само за да ја добијат работата.

- Моите работници имаат дневница од 25 евра, плус обезбедено јадење. Може да си платат спиење во околината, но речиси сите спијат во различни монтажни објекти на самите ниви за да заштедат повеќе пари. Дел од нив се пријавени, но дел работат и на црно. Јас бев задоволен сум од тоа како работеа и Македонците и од Албанците, но пресудно ми е да имам пониски трошоците за работниците, па затоа во последно време ангажирам луѓе од Албанија – вели грчкиот сопственик.

Генерално, повеќето Македонци кои што заминуваат на сезонска работа во Грција работат на црно бидејќи тие што доаѓаат од земји надвор од ЕУ тешко добиваат работна дозвола. Бидејќи во Грција има се помалку слободни работни места за сезонци од Македонија, кога станува збор за земјоделство нашите граѓани се помасовно се упатуваат во Италија, каде за време на сезонските берби и жетви речиси цели села од источна Македонија привремено се селат на тамошните плантажи. На сезонска работа не одат само невработени лица, туку и многу луѓе кои веќе имаат вработување, но сакаат да заработат нешто плус. Најголемиот дел од нив земаат неплатен одмор од по месец-два за да може да работат во Италија. Повеќето неквалификувани сезонски работници во европските земји заминуваат на црно, без работни дозволи. Ситуацијата е поинаква за тие што имаат бугарски пасош бидејќи во тие земји доаѓаат како работници од ЕУ. Најчесто, тие што планираат да работат на црно на граница пријавуваат дека одат на одмор и внимаваат во земјата да не се задржат подолго од три месеци бидејќи на враќање ќе добијат казни. Условите за работа и престој се различни и најчесто зависат од тоа дали работниците се таму легално или на црно. Овие вторите најчесто се принудени да работат во секакви услови бидејќи немаат никаква правна заштита.

Токму поради работењето на црно, во земјава нема официјална бројка колку сезонци од Македонија годишно заминуваат да работат во странство. Единствено се евидентираат бројки од агенциите кои посредуваат при вработување, кои покажуваат дека повеќе од 5.000 македонски граѓани годишно одат на привремена работа во странство. Сепак, бројката е многу поголема и неофицијалните проценки покажуваат дека станува збор за над 15.000 лица.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија