X
 05.10.2016 Култура

Фестивалот "КинеНова" ќе им дава шанса на дебитантите

Публиката во Скопје од вечерва ќе си добие нов филмски фестивал. Станува збор за „Киненова“, меѓународен фестивал што ќе се фокусира на творештвото на филмски автори од цел свет, главно со дебитантски филмови. Фестивалот ќе трае пет дена и ќе биде затворен на 9 октомври. Проекциите ќе се одвиваат во Културниот центар „Кино Култура“ и во Кинотеката на Македонија. Фестивалот почнува вечерва во 20 часот во „Кино Култура“ со проекцијата на бугарскиот филм „Слава“ во режија на Петар Валчанов.



Иницијатор на фестивалот е продуцентот, режисер и сценарист Небојша Јовановиќ. Идејата е Скопје и Македонија да имаат добар меѓународен настан каде ќе се промовираат дебитантски филмови на идните големи филмски имиња. Фестивалот ќе доделува и награди, а жирито е во состав: Разван Радулеску, Мира Фурлан, Галина Тонева, Мето Јовановски и Марио Мацарото.
Две програми се натпреварувачки – официјална и селекцијата на кратки филмови.

Во ревијалниот дел на фестивалот се предвидени Панорама на светски филм, Балкански преглед и Прв и последен филм на истакнат филмски автор, каде ќе бидат прикажани филмови од Корнелиу Порумбоју од Романија. Филмската критичарка Марина Костова, која е програмски директор на фестивалот, истакна дека е задоволна од програмата и од жирото.

– Ако треба да изберам еден збор за да го опишам фестивалот, особено главната селекција, тоа ќе биде зборот капсула, оти доаѓа нешто многу концентрирано, како мисла, идеја, промисла во еден краток период, но многу интензивно, значајно и доста богато - рече Костова.

Додаде дека премиерно на фестивалот ќе биде прикажан и македонскиот документарец „Валентина“.
Во рамки на фестивалот, ќе се одржат филмска работилница и мастер- клас.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура