X
 06.10.2016 Живот

Мисијата на неверојатниот Адолфо Камински во Втората светска војна



Адолго Камински

Во 1944 година, во окупираниот Париз, четворица пријатели ги поминуваа своите денови во мала соба од стан во зграда која се наоѓаше на Левиот брег, во јужниот дел на Сена. Соседите ги сметаа за сликари, но тоа беше изговор за  мирисот од хемикалиите што се ширеше од станот.

Пријателите беа членови на еврејска ќелија на движењето на отпорот. Станот беше илегална лабораторија во која се изработуваа лажни пасоши за децата и семејствата кои беа депортирани во концентрационите логори. Најмладиот член на групата и технички директор на лабораторијата, беше 18–годишниот Адолфо Камински, и самиот сè уште дете.


Фалсификувал документи низ речиси сите поголеми воени конфликти

Камински до својот 19 роденден помогнал во спасувањето на илјадници луѓе изработувајќи им фалсификувани исправи за да можат да се скријат или да побегнат надвор од земјата. Се занимавал со фалсификување на документи за прогонуваните речиси за време на сите конфликти во средината од 20 век. Камински денес има 91 година и е старец со долга бела брада, облечен во јакна од твид, кој се движи поткрепен на бастум, пишува Њујорк Тајмс.

Живее во скромен стан, за лица со ниски примања, во близина на станот каде ги изработувал лажните документи. Речиси никој од соседството не знае дека старецот е херој од Втората светска војна, иако неговата приказна не завршува тогаш. И денес истата  е сè уште болно релевантна во време кога децата од Сирија умираат или се качуваат на опасни бродови во потрага по сигурност.


Никогаш не наплатил за документите, сакајќи мотивите да му се чисти

И додека мнозинството ги игнорира тие деца, со претпоставка дека некој друг ќе се погрижи за нив и ќе ги спаси, Камински  во своето тинејџерско доба  беше оној кој спасуваше животи. И тоа не го работеше заради слава. Работеше во тајност, а за своите активности прозборе многу години подоцна. Неговата ќерка Сара ја слушна приказната за својот татко дури откако започна да пишува книга за неговиот живот, со наслов „Адолфо Камински: Животот на фалсификаторот“ (Adolfo Kaminsky: A Forger`s Life), што деновиве треба да излезе во англиска верзија. Додека истражувала со што се занимавал нејзиниот татко во животот, се сретнала со голем  број од неговите соработници во Алжир, Париз и Њујорк. „Открив дека мојот татко го ризикувал сопствениот живот за другите да ги спаси од смртта“, изјавила Сара за Spiegel во 2011 година.

Камински не се занимавал со фалсификување на документи заради добивка. Вели дека никогаш не примил пари за изработените документи затоа што тоа го правел од сопствено убедување и сакал мотивите да му останат чисти. Напротив, непрекинато бил без пари, а за живот заработувал како фотограф.


Постојано размислувал за луѓето кои не можел да ги спаси

Иако Камински бил искусен фалсификатор кој изработувал пасоши без соодветна опрема, користејќи импровизирана  направа со која им давал  постар изглед, изјавува дека работата не  му носела многу радост и задоволство. „Ако направите и најмал пропуст, можете некого да испратите во затвор или смрт“, вели тој. „Тоа е голема одговорност. Тешка одговорност. И тоа воопшто не носи задоволство.“ Многу години подоцна неговата работа сè уште го прогонува. „Во поголемиот дел од времето размислувам за луѓето кои не успеав да ги спасам“, објаснува тој.

Камински сочувствувал со бегалците делумно и заради тоа што и самиот бил бегалец. Роден е во Аргентина, а родителите му биле руски евреи кои од Русија заминале за Париз, од каде набрзо биле протерани. Кога Адолфо наполнил седум години, неговото семејство веќе стекнало аргентински пасоши, со кои се вратиле во Париз. Тогаш го разбрав значењето на зборот „документ“, објаснува Камински.
Учел хемија во работилница за боење облека и во млекарница

На 13-годишна возраст, Адолфо го прекинал школувањето за да  помогне во издржувањето на семејството и се вработил како чирак во работилница за боење облека, нешто како  претходник на модерните сервиси за хемиско чистење. Камински поминувал  долги часови за да го разбере начинот на кој се отстрануваат дамките, читал книги за хемија и правел експерименти дома.  „Мојот шеф беше хемиски инженер и имаше одговори на сите мои прашања“, вели тој. За време на викендите дополнително му помагал на хемичарот во локалната млекарница, во замена за путер.

Во летото 1943 година, Камински и неговото семејство биле уапсени и пратени во кампот  Дранси, од каде што се интернираа евреите од Париз и околината, како последна станица  пред да бидат испратени во концентрационите логори.  И повторно, аргентинските пасоши значеа спас за семејството Камински. По протестот од аргентинската влада, останале во Дранси три месеци, додека илјадници други секојдневно беа испраќани во логорите на смртта.


Првата средба со лажна документација

Камински се сеќава на професорот што го подучувал по математика во кампот. „Еден ден, кога имавме закажан час, тој не се појави. Не сакаше пред тоа да ми каже дека неговото име се наоѓа на списокот.“  Семејството Камински  набрзо по ослободувањето од  Дранси ги депортирале, па за да преживает морале да се кријат. Неговиот татко нарачал лажна документација од еврејското движење на отпорот, и го испратил Адолфо да ги подигне документите. Кога еден од агентите му кажал дека имаат проблем со бришењето на дамки од  сино мастило на документите, тој им препорачал да се обидат со млечна киселина, трик кој го научил во млекарницата. Трикот бил успешен, а на Адолфо му понудиле да се приклучи на движењето на отпорот.

Адолфо Камински денес

Најитни случаи: децата кои ги испраќаа во логорите

Според новите документи, Адолфо Камински станал Жулиен Адолф Келер, Французин од Елзас. Човекот кој му помогнал, се викал Марк Хармон, со кодно име Пингвин, кој работел за движењето на отпорот во ќелијата Ла Сиксием. Камински сакал веднаш да им се придружи,  но на почетокот на групата поважна ѝ била лојалноста на Адолфо, отколку неговите уметнички способности.  „Ме тестираа три дена за да проверат дали сум дрдорко“, се потсетува Камински.

Кога во ќелијата во која работел ќе добиеле податоци за идни апсења, веднаш ги известувале семејствата и им подготвувале нови лажни документи. Неговата група била задолжена за најитните случаи: за децата кои требало да бидат испратени во Дранси. Тие ги разместувале децата по манастири и по селски домаќинства, или пак ги криумчареле во Шпанија и во Швајцарија.


„Ако заспијам еден саат, ќе умрат 30 луѓе“

Во еден сегмент од книгата за Камински се наведува случајот кога останал буден две ноќи по ред за да изработи енормен број документи. Имено, неговиот соработник Пингвин нарачал итна документација за 300 деца, а севкупно требало да изработи 900 различни документи за 3 дена.  „Пресметката беше едноставна: за еден час можам да подготвам 30 документи; ако спијам еден час, 30 луѓе ќе умрат.“  Камински подоцна открил дека  Пингвин заедно со групата  деца биле депортирани во Аушвиц, но ни денес не знае што се случило со нив.

Историчарите проценуваат дека мрежата на еврејските ќелии на движењето на отпорот во Франција спасиле околу 7 до 10 илјади деца. Околу  11.400 деца се депортирани и убиени. По завршувањето на војната, Камински не планирал да продолжи со фалсификувањето документи. Но заради неговата работа и соработката со разни мрежи за време на војната, многу други движења воспоставиле контакти со него. Тој  продолжил да изработува фалсификувани исправи следните 30 години, а заради својот ангажман бил  значајна личност  во конфликтите, почнувајќи од Алжирската војна за независност па сè до Виетнамската војна. Се проценува дека до 1967 година,  работејќи самостојно, им обезбедил  лажна документација на луѓе од 14 земји.


„Повеќе не можам ништо да направам“

„Спасував животи затоа што не можев да прифатам непотребна смрт – едноставно не можев. Сите луѓе се еднакви, без разлика на нивните корени, убедувања и боја на кожата. Не постојат супериорни  и инфериорни луѓе, тоа ми е неприфатливо.“

Камински поседува фотографија што ја направил непосредно по ослободувањето на Париз. На неа се наоѓаат триесетина деца кои веќе не мораа да се кријат за да преживеат и кои се надеваа дека повторно ќе се сретнат со своите родители. Свесен е за фактот дека и денес голем број деца се наоѓаат во слична ситуација и дека поседувањето лажни исправи може да им значи живот. „Направив сè што можев додека можев. Сега не можам ништо повеќе да сторам.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот