X
 02.08.2017 Живот

Алармантен податок: Земјани, денес влегуваме во еколошки долг!


Планетата Земја
(Фото: Pixabay)

Денот на еколошкиот долг го означува датумот кога годишната побарувачка на човештвото кон природата го надминува она што Земјата може да го регенерира во истиот период.

Веќе денес, 2 август, најрано откако се вршат мерењата, човештвото ќе ги искористи годишните ресурси на природата; Светската организација за заштита на природата (WWF) ги пренесува податоците на Мрежата за глобален еколошки отпечаток (Global Footprint Network – GFN), меѓународна истражувачка организација која прва го воведе методот на пресметка на еколошкиот долг.

Денот на еколошкиот долг, кој почна да се мери уште од 1997 година, се помести од крајот на септември таа година на 2 август годинава, најрано откако светот првпат влезе во состојба на еколошки долг, во далечната 1970 година, предупредува WWF.

Со други зборови, човештвото моментално ги користи ресурсите 1,7-пати побрзо отколку што екосистемите можат да се регенерираат. Или уште попрецизно: глобално користиме 1,7 планети, а на располагање имаме само една!

 Последиците од ваквото прекумерно еколошко трошење стануваат сè поочигледни низ светот, во форма на исчезнување на шумите, суши, недостиг на вода, ерозија на земјиштето, губење на биолошкиот диверзитет и натрупување на јаглеродниот диоксид во атмосферата.

Според извештајот на Светската организација за заштита на природата за состојбата на планетата, објавен во октомври минатата година, сите земји во нашиот регион живеат над своите природни капацитети.

Според последните податоци, Хрватска, на пример, троши ресурси за 2,2 планети, а првпат влегла во еколошки долг во 1997 година.

Словенија троши ресурси за 2,75 планети, следува Црна Гора со потрошувачка од 2,13 планети, БиХ троши 1,98 планети, а Србија троши ресурси за 1,82 планети.

Експертите тврдат дека намалувањето на отпадната храна за 50 проценти во целиот свет би можело да го помести датумот на Денот на еколошки долг за 11 дена, додека намалувањето на емисијата на јаглероден диоксид за 50 % би го поместила за цели 89 дена, истакнува WWF.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот