X
 26.08.2017 Образование

Дали втората смена ќе ја зголеми месечната претплата за градинките?

Директорите на градинките ќе треба да решат колку и какви дополнителни оброци ќе треба да внесат во втората смена, но тоа нема да се одрази на буџетот на родителите. Од МТСП потенцираат дека воведувањето на втората смена се однесува исклучиво на вработените во градинките, за да им се излезе во пресрет на родителите и на децата.



Нема да се зголеми месечната претплата за децата кои се згрижени во јавните градинки, иако од 1 септември овие институции ќе работат во две смени, појаснија за Факултети.мк од Министерството за труд и социјална политика. Директорите на градинките ќе треба да решат колку и какви дополнителни оброци ќе треба да внесат во втората смена, но тоа нема да се одрази на буџетот на родителите. Од МТСП потенцираат дека воведувањето на втората смена се однесува исклучиво на вработените во градинките, за да им се излезе во пресрет на родителите и на децата.
Ова е една од најрадикалните промени во институциите за згрижување на деца од претшколска возраст, откако тие постојат, а деновиве предизвика вистински хаос и кај вработените и кај родителите. Поради недоразбирањата дури почнале да се прават списоци за родителите, кои требало да се изјаснат во кои денови во која смена ќе ги носат дечињата во градинка. Затоа Министерството вчера испрати соопштените до јавноста во кое потенцираше:
- Апелираме до вработените и директорите на јавните детски градинки да не ги манипулираат родителите и да не ги ограничуваат со стриктно временско згрижување на децата!

Предвидени се и нови вработувања

Од Министерството објаснуваат дека ова не се однесува само на градинките. Во согласност со одлуката на Владата, министерствата и другите државни институции ќе работат во две смени. Првата смена е 7 до 14.30 часот, а втората од 14 до 21:30 часот. Работна ќе виде и секоја прва сабота во месецот и тоа од 8 до 16 часот.
- Наведеното работно време се однесува само на вработените во установите, а не и на времето за престој на децата во детските градинки. Децата ќе бидат згрижени во текот на денот, во согласност со потребите на родителите. Јавните установи за деца кои во својот состав имаат повеќе објекти и групи во други просторни услови, двосменското работење и првата работна сабота во месецот може да го организираат во еден или повеќе објекти. Сѐ зависи од потребата на децата и на родителите. Во Македонија, со децении наназад во две смени работат четири установи за деца, а ваков интерес покажаа уште шест установи за деца, уште пред Владата да ја донесе оваа одлука – велат од Министерството.
Во конкретниот случај, промената се случува во институции кои со години кубурат со кадар. На пример, во Скопје постојат градинки каде има групи со по 40 деца, за кои се грижат две вработени. На прашањето дали ќе има нови вработувања и колку се предвидени, од Министерството ни одговорија:
- Ја утврдивме потребата од проширување на капацитетот на установите кои згрижуваат деца, како и потребата за отворање на нови градинки и за вработувања на кадри во градинките. Затоа во соработка со локалните самоуправи во земјава заеднички ќе изнајдеме начини да ги решиме и надминеме проблемите со кои се соочуваат градинките низ државата, како во урбаните така и во руралните средини. Тука е и фактот што скоро сите општини во Македонија имаат донесено одлука за зголемен број на деца, во согласност со Законот за заштита на децата.

Распоредот на дневните оброци го прават директорите

Двосменското работење предвидува децата и натаму да се згрижуваат како и до сега - од 5.30 часот наутро до 22 часот навечер.
- Ова е потребно бидејќи институциите ќе почнат со двосменско работно време. Така ќе се наметне потребата да се обезбедат услови за родителите коишто ќе работат во две смени. Распоредот на работното време на вработените во рамките на 40-часовна работна недела во јавните установи за деца го утврдува министерот. Тоа е во согласност со член 67 ставови (5) и (6) од Законот за заштита на децата.

Почетокот и крајот на работното време на јавна установа за деца основана од општината, општината во градот Скопје и градот Скопје го утврдува советот на основачот, а за јавна установа за деца основана од Владата – министерот – појаснуваат од МТСП.

На прашањето колку нови оброци за децата ќе бидат воведени и колку ќе изнесува месечната претплата за едно дете, од Министерството појаснувата дека правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејност во установите за деца, распоредот на давањето на оброците на децата ги прави директорот на установата и тоа зависи од времетраењето на остварувањето на програмата.

- Министерството има дадено препораки и листи за дневни и неделни менија со потребни калориски и енергетски вредности кои се во согласност со возраста на децата. Установите ги применуваат тие правила. Месечната претплата за згрижување на дете ќе остане како и досега. Приемот и згрижувањето на децата во предучилишните установи ќе се одвива како и до сега – велат од Министерството.

Сѐ ќе зависи од потребата на родителите

На прашањето дали втората смена ќе работи со полн капацитет на групите или ќе важи за една група во која ќе бидат згрижени дечиња од сите возрасти, од МТСП велат:

- Групите во втората смена ќе се формираат согласно со Законот за заштита на децата и потребите на родителите. Воведувањето на двосменско работење и секоја прва сабота во месецот важи на цела територија на Република Македонија, а согласно утврдената потреба од страна на установите за деца – велат од Министерството.

Бидејќи имаше забелешки дека во некои градинки воопшто не се направени анализи, прашавме и дали е спроведена анкета во градинките, меѓу родителите и вработените за да се оцени состојбата во секоја од градинките? Од Министерството ни одговорија:

- Анкетата е спроведена на територија на Република Македонија.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование