X
 12.11.2017 Култура

Советски слики од минатото што ги предвиделе лажните вести

0

„Сите живееме во ерата на лажните вести. Но тие не биле измислени со доаѓањето на 'Твитер' и 'Јутјуб'. Тие се користеле и во 30-те години за исчезнување на вистинските луѓе“, изјави кураторот Наталија Сидлина на отворањето на новата изложба во „Тејт Модерн“ во Лондон.

Изложбата која започна на стогодишнината од Октомвриската револуција, е фокусирана на моќните слики создадени во Русија и Советскиот Сојуз од 1905 до 1955 година - но, неизбежно е вметната и политиката.

1
Евгениј Калдеи манипулирал со својата слика на советски војници кои го подигнуваат црвеното знаме над Рајхстагот (1945) за да ги сокријат грабежите што ги извршувале војниците/ Фото: The David King Collection at Tate

Важноста на овие слики денес е неизбежна. „Планиравме изложбата да се совпадне со годишнината од Октомвриската револуција, но се чини дека се неизбежни и споредбите што се случуваат во целиот свет токму сега“, вели Метју Гејл од „Тејт Модерн“.

Една од просториите во „Црвена ѕвезда над Русија“ нуди фотографии што прикажуваат затворски слики од политички затвореници испратени во логорот за работа Гулаг или осудени на смрт под Големиот терор на Сталин; други се чинат како едноставни групни фотографии на работници или државни практиканти - но доколку се анализираат поблиску, ќе се забележи дека претставуваат таргет листи, ликвидирани фигури и лица што биле маркирани како „непријатели на народот“.

2
Фотографија од 1926 година, што служи како пример за сталинистичкото фотографско фотошопирање/ Фото: The David King Collection at Tate

Серијата фотографии прикажува морничаво време: на првата слика, се гледа Сталин опкружен со четири негови другари; на следната, 23 години подоцна, три од нив исчезнале. На третата, тој стои сам. Оние кои биле во внатрешниот круг на лидерот, а биле ликвидирани, едноставно биле избришани од официјалните слики: фотографската манипулација била клучна за промена на советската историја. „Тоа е нашата загриженост денес - сликите се многу убедливи и со нив може човек лесно да биде манипулиран“, вели Гејл.

3
До 1949 година, само една личност останала покрај Сталин/ Фото: The David King Collection at Tate

Тој денес влече паралела помеѓу некои од прикажаните фотографии и мемињата на 21-от век. „Врската помеѓу овие начини на цензурирање на луѓето од историјата и фотошопираните слики кажува многу и нè предупредува. Ја покажува моќта на сликите и на некој начин дел од приказната позади оваа историја што ја извлекуваме“, вели тој.

Убедливоста на фотографијата се појавува низ целата изложба - просторијата е исполнета и со живописни знамиња и литографии. Според Гејл, токму овие знамиња се моќта позади пропагандата.

5
Еманципирана жена: Изгради социјализам!/Фото:The David King Collection at Tate

„Сликата на Адолф Страхов за еманципираната жена успева да постигне многу различни работи истовремено. Во суштина е монохроматски, но црвеното се користи многу драматично, па од колористичка гледна точка, тоа е извонредно“, вели Гејл. Изборот на Страхов на сликата ѝ дава интимност, доминација на лицето на жената, а позадината ѝ дава епско чувство.

Неколку слики од изложбата се од жени. Во постерите што повикуваат на поддршка во борбата против фашизмот за време на Втората светска војна, ова била свесна одлука за пропагандни причини. „Го немаше лицето на Сталин - беше многу тешко да се инспирираат луѓето да одат во војна и да умрат за лидерот на Комунистичката партија. Сликата на една мајка или ќерка делуваше многу подобро“, вели кураторот Сидлина.

6
Фашизмот: Најзлобниот непријател на жените/Фото:The David King Collection at Tate

Сепак, сликата на Страхов открива нешто друго. „Се случија апсолутно ужасни работи, но начинот на кој тие доведоа до еднаквост за жените беше тој момент во Европа: на жените им било дадено право да гласаат - тие беа и идеалисти и тирани“, вели Гејл.

Делата во изложбата даваат важен аспект на идеализмот - оној што има одѕив во уметноста од претходните времиња. „Треба само да погледнете во гигантската глава на Константин во Музејот на Капитолијата за да знаете дека тоа е и пропаганда и извонредна уметност - или контрареформативните тромполи на таваните во католичките цркви", вели Гејл.

Тие исто така споделуваат нешто во композицијата со верските слики. Според Гејл, овој визуелен јазик започнува со неписмено население, зависно од сликите, а потоа станува отворена иконографија.

„Кога ќе го погледнете начинот на кој е прикажан Ленин, ќе забележите дека постојат шест различни ставови на Ленин и станува збор за вокабулар што станува препознатлив - христијанската иконографија функционира на ист начин“, вели Гејл.

7
Став во кој Ленин често пати бил прикажуван/Фото:The David King Collection at Tate

Тоа е пристап што им овозможил на сликите создадени од уметници да се шират низ целата популација, заедно со пропагандните алатки, како „агитрпоп возовите“ украсени со мурали. „Уметниците кои ја извршуваа својата работа за поддршка на режимот, ја гледаа уметноста не како нешто што е ексклузивно, туку нешто што треба да биде за луѓето“, вели Гејл.

Премисата за создавање на уметноста на прво место била дека ја носат уметничката програма на улиците. Луѓето како Александар Родченко и Ел Лисицки се обиделе возбудата и конструктивизмот да ги направат широко достапни во постерите, на железничките, на возовите, весниците и списанијата. Тоа било пресвртна точка во уметноста. „Вкхутемас“, уметничкото училиште во Москва, во суштина било посветено на она што се нарекувало продуктивен пристап, наместо естетско уживање.

9
Револуционерен имиџ од 1920 година, прикажувајќи ја граѓанската војна со здебелени букви/Фото:The David King Collection at Tate

Сликите од „Црвена ѕвезда над Русија“ денес се доста впечатливи, а нивното дизајнерско наследство сѐ уште се чувствува, меѓутоа тие не биле создадени како уметнички дела.

„Јасно е дека авангардните уметници, кои биле во срцето на голем дел од активностите во доцните 20-ти и 30-ти години во Русија, само-свесно создавале пропаганда“, вели Гејл. Ние можеме да ги цениме уметничките движења што ја обликувале оваа визуелна култура - но политиката никогаш не била далеку.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура