X
 22.11.2017 Живот

Работа на црно во Германија

Голем број луѓе од Балканот спас од тешкиот живот наоѓаат во Германија. Па така, во последните неколку години таму се иселуваат цели семејства. Многубројни се и оние што остануваат на Балканот, а одат во Германија за да работат на црно.

фотоизвор: DPA

Меѓу нив е и еден хрватски бранител, полицаец пензиониран пред 6 години, кој два-три пати годишно оди во Германија за да работи. Има 46 години, често бил тешко ранет, но сакал да продолжи со работата. Неговата сопруга со години е невработена и има син средношколец.

Вели дека оди да работи на црно бидејќи на тоа го тераат животните услови. Пензијата што ја добива не е доволна, па не може да го издржува своето семејство. За среќа, нема подигнато кредит, а живее во куќата на својот татко. Во Германија претежно работи во градежништво, а често илегалните работници таму се ангажирани и за уредување на околината, одржување паркови и шуми. Најчесто одат во групи, а избираат да работат во Германија бидејќи Германците се уредни, плаќаат добро и односот кон работниците е коректен. Германските компании ангажираат луѓе од странство за да им носат работници на црно бидејќи имаат одреден рок до кога треба да се заврши одреден проект, па со странските работници ги избегнуваат давачките кон државата. Работите се одвиваат на затворено, а на работниците секогаш им се обезбедени сместување и храна.

Може да се заработат околу 2 илјади евра од една тура. Платени се и саботите. Во текот на неделата се работи од 8 до 10 часа. Плаќањето се врши на рака и работниците се исплаќаат неделно. Ако некој се повреди, веднаш се враќа дома. Работниците престојуваат во Германија околу еден месец.

Хрватскиот пензиониран полицаец претежно работи во Баварија, од која е воодушевен. Тој истакнува дека сите легални работници во Германија можат да си дозволат пристоен живот, да ги покријат сите животни трошоци и да ги задоволат сите животни потреби. Додека во Хрватска ова не е случај, вели пензионираниот полицаец. На крајот истакнува дека голем проблем е што младите луѓе, поради ваквата тешка ситуација, ретко се одлучуваат за основање семејство и останување во матичната земја.

Линк до целата сторија на Дојче Веле
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот