X
 17.09.2019 Култура

Мастер-клас со Фатих Акин: Прашував психолог што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо!

На фестивалот „Браќа Манаки“ беше организирана средба и мастер-клас со славниот режисер Фатих Акин и неговиот кинематографер, кои работат како тандем повеќе од 15 години.

1

Поради големиот интерес на филмофилите и почитувачите на делата на овие врвни мајстори на филмот, закажаната средба во Малата сала на Домот на културата беше префрлена во Големата сала, па околу 200 присутни можеа да ги слушнат мислењата на Акин и Клаусман и да дебатираат со нив по синоќешната проекција на нивниот најнов наслов, контроверзниот треш-хорор „Златна ракавица“.

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филма како тандем, почнувајќи од „Солино“ во 2002 година, „Со глава низ ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“. Како режисер има освојувано награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин...

Клаусман - многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот“ на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц) - последнава деценија снима исклучително само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300“ на „Браќа Манаки“ за „Од никаде“, а минатата година беше член на жирито за филмовите во конкуренција.

Потсетувајќи ги присутните за развојот на кариерата на Акин, кој во светот на филмот влегол како актер, а потоа продолжил како сценарист, режисер и продуцент, Гена Теодосиевска ги праша за нивната прва средба.

На 21/22-годишна возраст Акин го запознал Клаусман, кога се обидувал да направи актерска кариера во средината на 90-тите години. Клаусман, пак, сеќавајќи се на нивната прва соработка вели дека забележал дека Акин бил многу бистар како актер и брзо работел. Нивната прва заедничка работа како тандем режисер-кинематографер се случила на снимањето на третиот авторски филм на Акин, „Солино“.

- Пријателството со Клаусман трае многу долго, ние сме како во брачна релација. Сакам да учам нови работи, сметам дека најдобрите нешта што можат да му се случат на човек во животот се различните искуства. Кога романот „Чик“ стана бестселер, многу сакав да го екранизирам, но филмскиот проект со наслов „Збогум Берлин“ веќе имал режисер. Меѓутоа, шест недели пред да почне да се снима, режисерот отпаднал, па ме ангажираа мене. Филмот веќе имал формирана креативна екипа, со друг кинематографер. Почнав да го снимам, но по три недели и по сложена правна постапка – бидејќи договорите беа потпишани – успеав да го добијам Клаусман како кинематографер во екипата. Убаво е да си „во брак“ со Клаусман - низ смеа објаснува Акин.

Говорејќи за режисерската постапка во нивниот најнов филм „Златна ракавица“, Акин објасни дека филмот го снимал според романот. Инаку, настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во соседството на Аким, а неговиот чичко му бил прв сосед на Франц Хонка.

2

- Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни. Прашував психолог што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо! - објасни Акин.

На прашањето како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да дејствува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин вели дека верува дека може.

- Приказната хронолошки почнува во 1968 година, тоа е таа бунтовна генерација, меѓутоа, само во кругот на факултетски образовани млади луѓе и интелектуалци. Во оваа сторија имаме ниска класа која е потоната во алкохолизам во намерата да се заборави минатото и Втората светска војна. Јас и ден-денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на забелешките на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат - смета Акин.

Акин, кој моментално работи на мини-серија за животот на легендарната актерка во Европа и Холивуд од 30-тите години на минатиот век - Марлен Дитрих, смета дека некогаш карактерите ја водат сторијата на филмот, а некогаш приказната ги формира карактерите.

Околу искуството со работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер (ја стекна славата со улогата на Елена во „Троја“) во „Од никаде“, Акин искрено вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека не може да се избегне како сеприсутно во нашето опкружување и посочува дека како млад човек сакал гангстерски филмови.

- Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други - вели Акин.

Во разговорот што траеше час и половина се вклучи и кинематограферот Едвард Лакман, лауреат на годинашното издание на „Браќа Манаки“, кој на Акин и Клаусман им порача:

- Снимајте на филмска лента!

Пред вчерашната специјална проекција на неговиот најнов филм „Златна ракавица“, голем број обожаватели дојдоа да се поздрават и да се сликаат со него.

Пред проекцијата на филмот Акин се заблагодари за поканата. Особено беше воодушевен што и Едвард Лакман беше присутен на проекцијата, па му се обрати.

- Мене ми е голема чест што филмот „Златна ракавица“ ќе биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“. Ед Лакман е моја инспирација и би сакал да кажам дека вашата работа како филмски творец беше инспирација конкретно за овој филм бидејќи една од актерките од филмот „Paradise love“ ја избрав да глуми во овој филм. Има многу да се зборува за кадрите, снимањето, времетраењето на снимањето, но гледајте на него како на студентски филм и уште повеќе како на спорт - рече Акин.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура