X
 17.12.2019 Живот

Зборовите на новата финска премиерка ја дефинираат суштината на демократијата

Речиси не постои параметар по кој Финска не е успешна земја. Кога би се обиделе да ја објасниме комплицираната мрежа на политички, општествени и економски фактори кои на различни листи ја ставаат на прво место, очигледно е дека главниот фактор се - жените! Минатата недела Финска ја доби најмладата премиерка на светот, Сана Марин, која го замени Анти Рине.

Најмладата премиерка во светот во својата влада ќе има министерка за финансии која е две години помлада од неа.

Зборовите што Сана Марин ги кажа откако ја избраа ја дефинираат демократијата ако знаеме дека овој поим го фаворизира владеењето на народот, односно избраните претставници на народот. И покрај тоа што сите светски медиуми пишуваат за нејзините години и фактот дека е жена, Марин вели: - Никогаш не сум размислувала за моите години или полот, размислувам за причините поради кои влегов во политиката, а тоа се работи поради кои ја освоивме довербата на изборите - изјави таа.

Сана пораснала со мајка ѝ и нејзината партнерка во стан под кирија. Во едно интервју изјави дека како дете се чувствувала невидливо бидејќи не можела отворено да разговара за своето семејство. Исто така, тврди дека нејзината мајка отсекогаш ѝ била поддршка. Ја воспитувала да верува дека може да направи сè што сака.

premierka
Фото: Profimedia


Откако почнала да се занимава со политика во 2006 година, нејзиниот подем бил доста брз. На 27 години таа застанала на чело на советот на Тампере, вториот по големина град во Финска, а во 2015 година влегла во парламентот. Таа ја има 22-месечната ќерка Ема, која ја добила во долгогодишната врска со нејзиниот партнер.

Како свои интереси надвор од политиката ги наведува физичките активности во природа. Зборува англиски, фински и шведски. Нејзиното доаѓање на чело на коалицијата не би требало да значи драматична промена на тамошната политика. Уште кога дошла на власт по изборите во април оваа година, коалицијата веќе имала договорено програма што се фокусирала на големи грантови за инфраструктура и социјална политика. Ветија и дека ќе ја направат земјата неутрална во врска со емисиите на јаглероден диоксид, до 2035 година.

Некогашниот премиер на Финска, Александер Стуб, кој на оваа позиција бил од 2014 до 2015 година, на својот твитер-профил изјави дека петте жени што ја водат владата покажуваат дека Финска е модерна и прогресивна земја.
Освен фактот дека жените го презедоа водството, забележана е и просечната возраст на новоизбраниот кабинет. Од пет жени што моментално ги водат петте главни партии, четири се помлади од 35 години - што ја истакнува виталноста на растечкото глобално движење на младите луѓе во политиката. Во Америка на големо се зборува за Александрија Окасио Кортез, која е гласна во пропагирањето на тоа дека младите мора да се вклучат во политичкиот живот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот