X
 18.02.2026 Технологија

„Мета“ сака да воведе функција за препознавање лица во паметните очила: Дали треба да бидеме загрижени?

Според повеќе извори, компанијата „Мета платформс“ работи на функција за препознавање лица која би можела да стане една од најзабележителните новини во паметните очила „рејбан мета смарт гласес“. 

Проектот се води под името „Нејм таг“, а првите верзии би можеле да се појават во текот на годинава.

Идејата е едноставна: со помош на вештачка интелигенција корисникот би добивал информација кој се наоѓа пред него. Системот, како што се наведува, би го анализирал лицето на личноста и би го споредувал со податоци достапни на „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Потоа преку вградениот асистент би се прикажувало името или други јавни податоци.

Од компанијата гледаат на оваа опција како на потенцијално решение за пристапност. На пример, како помош за слепи лица и лица со слаб вид за полесно да ги препознаваат луѓето околу себе. Сепак, колку и да изгледа практична технологијата, веднаш се отвора низа од прашања поврзани со заштитата на приватноста.

Препознавање само на луѓе со кои корисникот е поврзан на мрежите

Ова е особено чувствителна тема затоа што „Мета“ пред неколку години направи чекор назад. Уште во 2021 година беше исклучен системот за автоматско препознавање лица на „Фејсбук“, под притисок од јавноста и регулаторите.

Сега наводно се разгледува идентификацијата да биде ограничена, на пример, само на луѓе со кои корисникот веќе е поврзан на мрежите или на профили што се и онака јавни. Со тоа би се избегнал впечаток на масовен надзор.

Сè се случува во време кога споменатите очила бележат многу подобар прием на пазарот од очекуваното. Воведувањето на функцијата „Нејм таг“ би можело дополнително да ги издвои во однос на производите на конкуренти како „Епл“ или „Самсунг електроникс“, приближувајќи ги кон вистинско доживување на проширена реалност, а не само снимање фотографии или слушање музика.

Точниот датум на претставување сè уште не е објавен. Се очекува функцијата да биде придружена со јасни правила и ограничувања за да се намалат стравувањата на оние што се грижат за својата приватност.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија