X
 18.03.2022 Образование

Ослободување од партиципација за лицата со попреченост, децата без родители, невработените родители, воените инвалиди

На иницијатива на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата донесе Уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање. Со оваа уредба им се овозможи на сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи да бидат ослободени од партиципација, истакнаа од Владата.

- Оваа уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани, да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги приспособат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани. На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции согласно сопствените преференции и стануваат конкурентни на пазарот на трудот - стои во соопштението.

Во него се додава дека освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус на деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.

- За остварување на ова право, подносителот доставува барање со наод и мислење од Службата за функционална процена на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом - Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ), како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти процена на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост - истакнуваат од Владата.

Согласно чл. 24 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, сите лица со попреченост имаат право на образование без исклучување и дискриминација со цел максимален развој на човековиот потенцијал.

- До донесувањето на оваа уредба, право на ослободување од партиципација имаа само некои категории лица со попреченост, што практично ги ставаше другите во подредена позиција - се заклучува во соопштението.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование