X
 18.03.2026 Забава

„Кеј-поп: Ловци на демони“, најгледаниот филм на „Нетфликс“ во историјата, ќе добие продолжение

Титулата за најгледан филм на „Нетфликс“ на сите времиња му припадна на анимираниот мјузикл „Кеј-поп: Ловци на демони“, кој е прегледан повеќе од 500 милиони пати од неговата премиера на 20 јуни 2025 година досега. Режисери се Крис Апелханс и Меги Канг, од чија желба произлезе идејата за филмот. Канг сакаше да создаде приказна инспирирана од сопственото корејско наследство, комбинирајќи елементи на митологија, демонологија и кеј-поп културата.

Големиот успех на овој наслов беше потврден и со неодамна одржаната церемонија на доделување на „Оскарите“, каде што ја освои престижната награда за најдобар анимиран филм. Исто така, песната „Golden“, изведена од групата „Хантрикс“, ја освои наградата за најдобра оригинална песна и со тоа стана првата кеј-поп песна на која ѝ беше доделена златна статуетка.

 

Сите предуслови за успех

Да се потсетиме дека зад филмот е успешна сезона на награди, крунисана и со „Златен глобус“. Исто така, вреди да се додаде дека неговата музика постигна историски успех. Имено, дури четири песни од филмот се најдоа во топ-10 на „Билборд хот 100“, што не е постигнато претходно. Одличниот прием на песните од страна на публиката не е изненадувачки бидејќи зад нив стојат продуценти и текстописци кои се ветерани од кеј-поп индустријата и соработници на групи како БТС и „Твајс“.

Интересно е што „Нетфликс“ не очекуваше многу од ова дело, па затоа неговата промоција беше малку поскромна. Сепак, во текот на летото филмот доби на интензитет преку усна промоција, поттикнат од вирални видеа и објави на социјалните мрежи.

Не е изненадувачки што неговото продолжение е во подготовка, и можеме да очекуваме дополнително проширување на нивниот свет, бидејќи стриминг-платформата и креаторите на овој хит постигнаа повеќегодишен договор.

Извор: journal.hr

Фото: Youtube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава