X
 18.04.2018 Образование

Наставниците за измените: Награди за оние што работат во тешки услови и со ранливи групи, не повеќе од 24 деца во одделение

Каде одат децата по четвртиот час, а тоа е околу 11 часот. Одат кај бабите, дедовците, на улица... Кој ќе работи со нив до 17 часот, додека да се вратат родителите од работа – прашува доц. д-р Кирил Барбареев

фото: Колектиф Прес

Во едно одделение да има по едно дете со посебни потреби, а вкупниот број на ученици да не ја надминува бројката од 24, да се наградуваат успешните наставници што работат во рурални средини и со ранливи групи, ова се дел од забелешките на наставници од основните училишта по повод најавените измени во Законот за основното образование. Факултети.мк направи мала анкета помеѓу наставници од повеќе градови за да го кажат своето мислење за предложените промени кои, доколку бидат прифатени, треба да бидат воведени во новата учебна година.

Најавите за промените генерално се прифаќаат, ама на нив не се гледа како на многу суштински измени. Наставниците реагираат на предлогот да има 15 минути одмор помеѓу часовите, главно зашто училиштата немаат материјал за да ги анимираат децата.

- Исто така, рангирањето на училиштата, па според тоа и покачување на платите практично е неостварливо од повеќе причини. Имено, не секој еднакво придонесува за училиштето, па така и меѓучовечките односи ќе се нарушат. Исто како и интегралните инспекции што не се реалната слика за едно училиште, за кои исто така сметам дека треба да се укинат – вели наставничка од скопско училиште.

Зимски распуст за наставниците

МОН најави дека ќе воведува зимски распуст за наставниците.

- Ние воопшто немаме услови за да доаѓаме на работа во текот на зимските распусти, а обврските секако си ги завршуваме пред крајот на полугодието. Многу е битно овој пат да се земе предвид кога започнува, завршува и до кога трае летниот, па и зимскиот распуст од повеќе причини. Временските услови во кои се одржува наставата, а и неможноста да се оди на одмор во високата сезона и од страна на родителите, а и на наставниците. Сметам дека треба да се намалат обврските на наставникот, а да се зголемат на педагозите и на психолозите, за да земаат сите заслужена плата и конечно тие да си го најдат местото во училиштето – вели одделенската наставничка.
Наставниците реагираат и дека одделенски наставници не треба да се примаат со завршен Филозофски факултет, група Педагогија, зашто тие не се соодветни.

фото: Колектиф Прес

Нејзина колешка од друго основно училиште смета дека учебната година треба да почнува од 15 септември и дека треба да има зимски и пролетен распуст, по примерот на земјите од ЕУ.
- Во тој случај учениците ќе можат во најтоплите и најладните денови од годината да не одат на училиште. Наставниците за време на целиот зимски распуст треба да користат денови за одмор. Така би се заштедиле средства што училиштата ги трошат, а нема ефект од присутноста на наставниците, сите обврски можат да се завршат пред почетокот на зимскиот распуст. Наградата за најдобрите училишта повлекува нереална конкурентност на наставниот кадар, а во тој случај се појавува потребата за ротирање на наставниците. Сметам дека треба да бидат наградени наставници што работат во најтешки услови за работа, како и со ученици од ранливи групи – вели таа.

Наставничка од Ресен со долгогодишно искуство ги поздравува промените. Таа смета дека бројот на часовите треба да се намали.
- Малку ми е нејасно што ќе се случува со часовите на децата од седмо до деветто одделение. Се случува тие да имаат и по осум часа дневно сосе додатна и дополнителна. Треба да имаме помал фонд на часови, децата се преоптоварени. Но, што ќе значи тоа за нашите плати? Дали ако имам помалку часови, ќе имам помала од веќе скромната плата? Промените се генерално во ред, ги поздравувам. Инаку, тоа со наградувањето наставници не е во ред затоа што секаде има наставници што работат добро – вели наставничката.
Една од главните забелешки на наставниците во целата земја се ниските плати.

Барбареев: Во ЕУ нема двосменски училишта

Доц. д-р Кирил Барбареев од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ смета дека е многу важно што прават децата додека се на училиште и какви сѐ активности имаат.
 - Денес во ниту една земја во ЕУ нема двосменски училишта, затоа децата се во стимулативна средина. Значи, може слободно да се постави прашањето каде ќе одат децата по четвртиот час, а тоа е околу 11 часот. Одат кај бабите, дедовците, на улица. Кој ќе работи со нив до 17 часот, додека се вратат родителите од работа – вели тој.

Во својот блог на оваа тема тој се осврнува на прашањето по колку време трае школскиот ден во повеќе земји во светот. Додека кај нас станува збор за 180 дена, во Јужна Кореја наставата трае 220 наставни дена, а во Финска – 190 и доминираат воннаставните активности, „оти веруваат дека најголемиот дел од учењето се одвива всушност надвор од училиштето“. Естонија троши околу 4 отсто од БДП на образование.

- Овие примери се интересни за споредба и се пример на добра практика бидејќи и трите земји пред само 30 до 50 години имале сериозни проблеми со својот општествен и образовен систем, граѓанска војна и зависност од други земји. Но, во што е успехот? Клучниот момент е во препознавање на вистинските потреби и културата во државата, како и храброста да се инвестира сериозно во образованието и науката и особено во наставничката професија, која е заедничка точка на најдобрите системи. Реалноста е дека детето во овој свет мора да знае како да учи, како да биде упорно и внимателно и како да истрае по неуспехот. Ако се прашувам јас, тоа е моделот што ни е потребен – вели Барбареев.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование