X
 16.04.2018 Образование

Дисциплината во образовниот систем е потреба не заради помалку учење, туку заради моралот

Како што воденицата ќе застане ако ѝ се запре водата, така и во училиштето ќе застане сè ако му се одземе дисциплината. Одамна е напишано, уште во првите книги по педагогија, дека физичката казна е ропско средство и најнесоодветна метода за слободните луѓе, и таа никогаш не смее да се применува врз децата, учениците. Физичката казна нема никаква сила да ги мотивира или да поттикне во децата љубов кон учењето или науката, но има многу сила да ѝ всади на душата одвратност и омраза кон нив.

Но, образовниот систем и учителот треба да ги познаваат целта, содржината и формата на дисциплината за да се знае зошто, кога и како треба некои нешта да се применуваат.

Според принципот за училишна дисциплина на Коменски – на најдобриот дисциплински метод нè учи сонцето кое на сè што расте му дава (1) светлина и топлина, (2) понекогаш дожд и ветер, (3) поретко, молњи и громови, и сето тоа е корисно за нив.

Дисциплината не треба да се применува заради (не)учење или (не)наука, туку заради моралот. Од должностите произлегува и одговорноста – не може некој да биде одговорен за нешто за што не бил задолжен. Од одговорноста произлегува или заслугата или вината.

Целта на дисциплината

Дисциплината треба да се применува на оние што направиле некаква грешка. Но, не заради некаква казна, туку за да не се прават повторно исти грешки. Затоа, дисциплината треба да се применува без страсти, лутина и омраза, туку со почитување и искреност. На тој начин ученикот треба да види дека дисциплината е потребна за негово добро, како кога се прима горка лажица сируп за подобро здравје, пропишано од лекарот.

Губењето на авторитетот на учителот има негативни последици врз односот на учениците кон другите и кон училиштето.

„УЧИЛИШТЕ БЕЗ ДИСЦИПЛИНА Е КАКО ВОДЕНИЦА БЕЗ ВОДА“ (Чешка народна поговорка)

Преземено од блогот на проф. д-р Кирил Барбареев

Еуритмиа

Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование