X
 19.02.2019 Живот

Што се случи кога еден град во Гватемала му објави војна на пластичниот отпад?

Маурисио Мендез, градоначалник на мало гратче во југозападниот дел на Гватемала, води бунт против загадувањето со пластиката.

Во 2016 година тој иницирал забрана за продажба и дистрибуција на пластика за еднократна употреба во Сан Педро Ла Лагуна, што ги поттикна другите заедници низ целата земја да преземат некаква акција.

Градот се наоѓа на брегот на езерото Атитлан и е дом на заедницата Ци-Туџил, која се бори да го зачува својот традиционален начин на живот. Денес водата од ова езеро нема никаков пластичен отпад, но тоа не било секогаш така.

Пред да стапи во сила забраната, Сан Пердо Ла Лагуна бил преполн со пластика за еднократна употреба. Депонијата во градот била преполна со ваква пластика, а голем дел од отпадот завршувал во езерото, оштетувајќи го тој деликатен екосистем.

plstika
Фото: REUTERS/Antonio Bronic


Првично забраната наишла со отпор, најмногу од жителите кои биле навикнати на практичноста на пластика за еднократна употреба, но и од неможноста да си дозволат биоразградливи алтернативи.

Општината презела чекори за отстранување на пластиката за еднократна употреба и ја заменила со биоразградлива алтернатива или алтернатива за повторна употреба. Во меѓувреме, официјалните лица оделе од дом во дом и ги едуцирале жителите за управување со отпадот.

Традиционалната рачно изработена хартија, кошници изработени од лисја од палми и храна завиткана во лисја од банани станаа вообичаена глетка бидејќи жителите ја прифатиле идејата за справување со пластичното загадување и заштита на локалната средина. Секоја личност што ќе ја прекршела забраната се соочувала со голема казна.

- 80 отсто од жителите на нашиот град престанаа да користат пластика. За нас, ова е вистински успех.

Забраната имала влијание и врз цела централноамериканска нација - секој град успешно усвојувал слични мерки или ги разгледувал регулативите за спречување на загадувањето предизвикано од небиоразградлив отпад.

Откако забраната во Сан Педро Ла Лагуна стапи во сила во октомври 2016 година, уште 10 општини воведоа ограничувања за пластиката за еднократна употреба, а многу други дискутираат за плановите за нивно регулирање.

Овие иницијативи првенствено се водат од заедниците во Гватемала кои се обидуваат да ја зачуваат својата средина. Не станува збор за координирана кампања на невладини организации. Досега федералната влада не се заложила за национална акција за регулирање на пластиката за еднократна употреба во Гватемала.

Сепак, успехот на движењето го привлече вниманието на индустријата за пластика, која реагирала со тужби и медиумски напади.

Во војната против пластичниот отпад, националните влади имаат доста видови оружје на располагање, вклучувајќи забрани, даноци и договори за намалување на користењето.

Целосна или делумна забрана за еднократна употреба на пластични кеси сега има во десетици земји, додека други, како Ирска и Португалија, спровеле данок за да ги спречат купувачите да ги користат.

Во случаи кога владите не се спремни или се премногу бавни за да преземат некаква акција, државите и општините сами презеле иницијатива.

Пензанс во Корнвол е првиот град без пластика во Велика Британија, статус што му бил доделен од страна на националната поморска конзерваторска добротворна организација „Сурфери против отпадни води“. Групата работела со локалната заедница за да го ослободи градот од пластика за еднократна употреба, вклучувајќи сламки, шишиња, контејнери за храна и чепкалки за уши.

Бенгалуру во Индија ја забрани употребата на пластика за еднократна употреба во 2015 година и презеде високотехнолошки пристап за применување на забраната. На градските власти ќе им бидат дадени рачни уреди кои ќе ги фотографираат луѓето што користат забранета пластика, ќе ја евидентираат локацијата на прекршок, а потоа ќе им испратат билет за казна што ќе треба да се плати на самото место.

Сан Франциско ги забрани пластичните кеси во 2007 година, но градските власти ја однесоа борбата против отпадот на сосема ново ниво. Купувачите што имаат потреба од кеса за еднократна употреба се обврзани да платат дополнителен данок од 10 центи за кеса.

Пластичното пакување дава предности, на пример, безбедност на храната и хигиена. Но, како што е наведено во извештајот од 2017 година од Светскиот економски форум, системот има значителни недостатоци.

Новата економија за пластика дава план за справување со проблемот - дизајнира подобро пакување, ги зголемува стапките на рециклирање и воведува нови модели за рециклирање.

Проблемот е комплексен, а додека забраните се дел од решението, системот како целина е оној што треба да се промени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот