X
 19.05.2017 Култура

Познати писатели кои не добиле Нобелова награда

Минатата година, Нобеловата награда за книжевност заврши во рацете на еден рокенрол музичар, што според многумина е израз на декаденција на западната култура. Боб Дилан, ни крив ни должен, стана „јаболко на раздорот“ меѓу поконзервативните и полибералните вљубеници во пишаниот збор.

Херман Хесе, при доделувањето на Нобеловата награда, изјави дека не гледа смисла во доделувањето на истата на веќе афирмиран писател во поодмината возраст, во моментот кога веќе целиот свет го знае и почитува. Но, и Хесе и Дилан, Нобеловата награда ја добија откако сами, без ничија помош ги „извојуваа“ сите свои лични и професионални битки.

Комитетот за доделување на Нобеловата награда честопати бил мета на напади, но и честопати имал свои „испади“. Многу познати и признати писатели биле скратени од оваа награда, честопати од причини кои немале никаква врска со книжевноста.

Ова се големите писатели кои не ја добиле Нобеловата награда:

Лав Николаевич Толстој

Факт е дека Нобеловата награда не се доделува постхумно, но факт е дека за првпат е доделена во 1901 година, а Толстој починал девет години подоцна. Првиот „Нобел“ за книжевност завршил во рацете на Сили Придом, што предизвика вистински револт кај многумина. Тогаш, 42 истакнати интелектуалци од Шведска, меѓу кои и Стриндберг, испратиле писмо до Толстој каде го изразиле своето лично незадоволство од одлуката на нивната Академија.
Од друга страна, Толстој тоа го прифатил „стоечки“. Им одговорил дека е добро што не ја добил наградата, затоа што не би знаел што да прави со парите и дека бил сигурен дека истите би можеле да му донесат „лоша среќа во неговиот живот“.

Марсел Пруст

Пруст никогаш не бил „бестселер“ писател, но затоа пак е дел од сите наставни програми на сите катедри за книжевност низ светот. Модерната уметност не може да се замисли ако не се земат предвид  сите влијанија кои овој француски писател ги имал врз неа.
Но, и тој не ја добил Нобеловата награда за книжевност, иако творел во 20 век. Процедурата за номинирање на кандидатите била пропишана и предвидувала  дека како предлагачи можат да се јават шведски академици, поранешни лауреати, претседатели на национални здруженија на писатели и неколкумина истакнати професори по книжевност. Најверојатно, сите тие го доживувале Пруст како премногу експериментален автор, така што никогаш не бил предложен за наградата.

Џејмс Џојс

Популарноста на овој ирски писател растела од година во година и по неговата смрт, но во текот на животот пишувал на начин кој бил чиста спротивност  на сè она што шведските академици  во темни костуми го прифаќале за врвна книжевност.  За почеток, Џојс се стремел да го уништи наративот, приказната, рамката  на романот од неговото создавање. А за нешто толку големо,  било потребно време за да биде прифатено.
Денес многумина сметаат дека неговото дело Улис е најзначајниот роман на 20 век.

Вирџинија Вулф

Само 13 жени досега добиле Нобелова награда во која било област, а повеќето од нив се доделени последниве две децении. Се чини дека со овој чин намерувале да се исправат неправдите кон сите големи авторки кои останале „покуси“ за Нобелова награда во првата половина од 20 век, а меѓу кои, со сигурност  предничи Вирџинија Вулф.

Хорхе Луис Борхес

Тој во една прилика, кога бил прилично стар, изјавил дека најверојатно не добил Нобелова награда, бидејќи „господата од Стокхолм“ сметале дека еднаш веќе му ја доделиле. Сè е можно. Но, дека комитетот за доделување на наградата секогаш ги земал предвид и политичките случувања, историскиот момент и „нелитературните“ ставови на писателите, сведочи и примерот со Борхес. Имено, аргентинскиот писател бил поврзуван со неколкумина диктатори од минатиот век, меѓу кои и Пиноче и Франко.

Владимир Набоков

Доаѓаме и до авторот на контроверзната Лолита,  Набоков, кој заедно со Борхес  ја востановија постмодернистичката проза и на тој начин влегол  во редот на автори кои останале без наградата, иако биле номинирани повеќепати.  Тука вреди да се напоменат настаните  од  1974 година, кога истовремено биле номинирани и Набоков, и Борхес, и Греам Грин и Сол Белоу, но наградата ја споделиле Швеѓаните Џонсон и Мартинсон, и двајцата членови на жирито за доделување на Нобеловата награда.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура