X
 19.10.2018 Наша тема

Медиумската писменост што побрзо да стане дел од формалното образование – само така учениците ќе бидат заштитени од манипулации

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катерина Синадиновска, вели дека суштински е важно секој човек, а особено младите да знаат кои се медиумските опасности со кои е преплавен просторот што порано беше наменет првенствено за информирање, а денеска за влијание, реклама, пропаганда…


Во сферата на образованието никаде, во ниту еден документ – закон, стратегија, програма за развој на образованието – не е инкорпорирана медиумската писменост наспроти многубројните реформи во наставните програми и предмети и во нивната содржина, како во основното така и во средното образование. Ова е еден од заклучоците во обемното истражување за медиумската писменост во Македонија на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, објавено во 2016 година.



Американските средношколци не разликуваат реклама од вест

Тие уочиле дека постои вакуум и реален јаз помеѓу потребите на модерното образование и актуелната „понуда“ на наставата.
- Во наставните програми и содржини се опфатени основните поими за медиумите и формите на медиумска комуникација, со посебен акцент врз комуникацијата (вербалната и електронската), улогата на медиумите, техниките на креирање на медиумските содржини и влијанието на технологијата врз развојот на човекот. Но, вкупниот фонд на часови е речиси занемарлив, поради што тешко може да се зборува за стекнување сеопфатни знаења од оваа област. Дури и во новата Стратегија за образование 2018-2025 медиумската писменост воопшто не е спомената како термин. Постои „дигитална писменост“, што секако не е исто – вели Александра Теменугова, раководител на студиска програма по новинарство на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Оттаму препорачуваат интегрирање на медиумското образование во сите сегменти на образованието, од предучилишното до високото.
И од Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат дека содржини од областа медиумска писменост треба да се вметнат во формалното образование.

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катерина Синадиновска, вели дека суштински е важно секој човек, а особено младите да знаат кои се медиумските опасности со кои е преплавен просторот што порано беше наменет првенствено за информирање, а денеска за влијание, реклама, пропаганда…

- Темата за воведување часови за медиумска писменост во рамките на задолжителното образование е прилично нова и за државите со далеку поголема медиумска култура и демократска традиција од нашата. Но, токму општествата како македонското треба да бидат најгласни во ваквите иницијативи поради аномалиите поврзани со состојбата на медиумите, релацијата помеѓу медиумите, центрите на моќ и граѓаните и состојбата со слободата на говор воопшто – вели таа.


Катерина Синадиновска од СЕММ

Синадиновска објаснува дека минатата година кога неколкумина сенатори во државата Калифорнија побарале воведување на закон за задолжителни часови по медиумска писменост, излегле со податоци дека дури 82 % од средношколците не знаеле да направат разлика помеѓу реклама и вест.
- Ако во американското општество, со една толкава медиумска традиција, состојбата е таква, можете да замислите како е во Македонија. Досега не сме виделе анкети на оваа тема, но доволно е да ги видиме податоците за функционална писменост и ПИСА-тестовите за да размислиме и да направиме паралела. Затоа, ама и дополнително со оглед на пристапот на децата до интернет и слободата во поседување паметни телефони, сметам дека овие часови треба да се воведат уште во основното училиште – вели таа.

Медиумски писмени ученици размислуваат критички

Претставници од Советот за етика неколкупати досега имале отворени разговори на оваа тема со неколкумина ресорни министри.
- Од тие разговори можам да заклучам дека Владата е сосема заинтересирана за оваа идеја, која, се разбира, мора сериозно да се разработи на повеќе нивоа – објаснува Синадиновска.
Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), пак, ни одговорија дека материјали за медиумска писменост кои се подготвени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соработка со Бирото за развој на образованието веќе се дистрибуирани до училиштата.
- Материјалите за медиумска писменост е предвидено да се користат како нагледни средства во рамките на наставата по мајчин јазик, странски јазик и други предмети. Ние сме уверени дека медиумската писменост е клучна во зголемување на квалитетот на медиумски содржини, а уште повеќе е и најефикасен начин во борба со лажните вести. Оттука, сметаме дека медиумската писменост ќе поттикне и критичко размислување кај учениците уште од најрана возраст – велат од МИОА.



Новинарката Синадиновска додава дека ако медиумската писменост стане дел од формалното образование, младите ќе бидат заштитени од можностите и обидите за манипулации.
- Тие ќе бидат (или ќе израснат) далеку посвесни граѓани за реалните состојби во општеството, за сите негови слабости сокриени зад розовата слика што обично ја сликаат властите или зад деструктивноста што е карактеристична за опозициите во незрели демократии. Само вака свесни и медиумски писмени граѓани можат да бидат и политички писмени сили, активисти, двигатели на реформите и промените во една земја. Дополнително ова влијае и врз чистење на самиот медиумски простор. Колку повеќе се медиумски писмени читателите, толку потешко купуваат лажни вести од лажните медиуми создадени со различни мотив. Ова дефинитивно е еден од начините за нивно дефакторизирање и борба со овие појави – објаснува Синадиновска.

Според Теменугова, медиумската писменост подразбира умешност за критичко восприемање на медиумите, деконструкција на она што ни се сервира, а не само да ги користиме медиумите како дидактичко средство, како алатка во наставата.
- Она што ветува надеж се сигналите од образовните власти кои покажуваат слух за промена на состојбата. Високата школа неодамна почна соработка со Бирото за развој на образованието, со кое ќе работиме на утврдување на медиумската писменост во основното образование и оваа соработка, барем во овој момент, е за поздравување, оти последната деценија немавме баш разбирање каде и како треба да се движиме – вели таа.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема