X
 20.02.2019 Наука

Повеќе од 200 астрономи од 18 земји создадоа нова мапа на вселената - содржи 300.000 нови галаксии

Вселената што ни е позната стана многу поголема. На новата мапа на ноќното небо се најдоа стотици илјади претходно непознати галаксии, откриени со телескоп што може да детектира извори на светлина кои оптичките инструменти не можат да ги видат. Меѓународна група астрономи што стојат зад ова истражување на вселената велат дека нивното откритие буквално фрла нова светлина врз најдлабоките тајни на универзумот, вклучувајќи ги и физиката на црните дупки и развојот на галаксијата.

- Ова е нов прозорец во вселената. Кога ги видовме првите снимки, се запрашавме: „Што е ова?“ Претходно не сме виделе ништо слично - изјави Кирил Тасе, астроном од Париската опсерваторија.

nasa
Фото: Amanda Wilber/LOFAR Surveys Team/NASA/CXC


Во истражувањето биле вклучени повеќе од 200 астрономи од 18 земји кои го испитувале небото над северната хемисфера со радиоастрономија и откриле 300.000 извори на светлина за кои се верува дека се нови галаксии.

Радиоастрономијата им овозможува на научниците да го истражуваат универзумот со радиобранови и да детектираат радијација што се генерира од интеракцијата на големите небесни објекти. Астрономите користеле нискофреквентен телескоп во Холандија за да соберат траги од дамнешна радијација создадена за време на спојување на галаксиите. Овие траги може да се прошират милиони светлосни години. Откривањето на нови извори на светлина може да им помогне на научниците подобро да го разберат однесувањето на еден од најмистериозните феномени на универзумот.

Црните дупки, кои имаат толку силна гравитациона сила што ниту еден предмет не може да им избега, емитираат зрачење кога ќе „проголтаат“ други големи објекти, како што се ѕвездите. Тасе вели дека новата техника ќе им помогне на астрономите да ги споредат црните дупки и да видат како се формираат и развиваат.

- Ако гледате активна црна дупка, трагите од зрачењето исчезнуваат по милиони години и нема да ги гледате на висока светлосна фреквенција. Но, на ниска, може да се видат многу постари електрони - вели Тасе.

Снимките создадени од телескопот „Хабл“ им помогнале на научниците да дојдат до заклучок дека во вселената има повеќе од 100 милијарди галаксии, иако голем дел од нив се премногу стари и премногу далеку за да можат да се набљудуваат со традиционалните техники.

Мапата создадена благодарение на телескопот во Холандија содржи само 2 отсто од видливото небо. Овој телескоп е составен од европска мрежа на радиоантени што се протега низ седум земји и формира сателитска антена еквивалентна на 1.300 километри.

- Најстарите објекти во вселената се стари околу 11 до 12 милијарди светлосни години. Очекувам дека наскоро ќе можеме да видиме многу - вели Тасе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука