X
 20.03.2020 Наука

Топењето на мразот на Гренланд го зголемило нивото на морето за 2,2 милиметри за само два месеца

Минатото лето беше толку топло, што помогна во предизвикувањето на загубата на 600 милијарди тони мраз од Гренланд - доволно за глобалните нивоа на морето да се зголемат за 2,2 милиметри за само два месеца, покажуваат новите истражувања.

Анализите на сателитските податоци откриле огромна загуба на мраз за само неколку месеци, кога имало абнормално високи температури на Северниот Пол. Минатата година беше најтоплата забележана на Арктикот, а годишното минимално простирање на мразот во регионот беше на второто најниско ниво некогаш забележано.

За разлика од губењето на мразот во морето, загубата на глечерите на копното директно предизвикува зголемување на нивото на морето, загрозувајќи ги крајбрежните градови во светот. Научниците пресметале дека огромната ледена површина на Гренланд загубила просечно 268 милијарди тони мраз меѓу 2002 и 2019 година - а помалку од половината од тоа било загубено минатото лето. Колку за споредба, во округот на Лос Анџелес каде што живеат повеќе од 10 милиони лица годишно се консумира 1 милијарда тони вода.

- Знаевме дека минатото лето беше особено топло на Гренланд, топејќи го секое ќоше од ледената површина, но бројките се огромни - вели Изабела Великоња, професорка на Универзитетот во Ирвин, Калифорнија, и водечки автор на новата студија.

Глечерите низ светот се топат поради глобалното затоплување предизвикано од климатската криза поттикната од човекот. Минатата година научниците открија дека мразот на Гренланд се губи седум пати побрзо отколку во 90-тите, зголемувајќи ги претходните процени за зголемување на нивото на морето и ставајќи во ризик 400 милиони луѓе од поплави секоја година до крајот на векот.
Понови истражувања покажаа дека Антарктикот, најголемата ледена површина на Земјата, исто така губи ледена површина со огромна брзина, иако последните дела на НАСА и Универзитетот во Калифорнија откриваат нијансирана слика.

- На Антарктикот големата загуба на западот продолжува со несмалена брзина, што е многу лоша вест за зголемувањето на нивото на морето. Но, исто така, забележуваме масовни придобивки во атлантскиот сектор на источниот дел од Антарктикот, предизвикани од зголемувањето на количините на паднат снег, што помага во надоместувањето на огромните загуби на лед кои ги забележавме во последните две децении во други делови од континентот - истакнува Великогна.

Во истражувањето се илустрирани и егзистенцијалните опасности кои ги претставува брзото глобално затоплување, дури и додека вниманието на целиот свет е насочено кон кризата со коронавирусот.

Извор: Guardian
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука