X
 20.07.2018 Живот

Зошто религиозните земји се сиромашни, а нерелигиозните се богати?

Нова голема студија ја реши долгогодишната недоумица за тоа што е кокошката, а што јајцето кога станува збор за поврзаноста меѓу религиозноста и економската благосостојба во општеството. Авторите тврдат дека резултатите покажале оти секуларизацијата на општеството во 20 век му претходела на силниот економски развој, а не обратно.

Во воведот на својот труд авторите истакнуваат дека веќе долго време е познато дека жителите на посиромашните земји се порелигиозни, а оние богатите се помалку религиозни. Но, тука се наметнува прашањето која појава ѝ претходела на другата.

Некои социолози ја бранат тезата дека сиромаштијата го зголемува нивото на религиозност, а богатството го намалува. На пример, Емил Диркем тврдел дека религиозноста слабее кога технолошкиот развој ќе ги задоволи човековите материјални потреби. Според други, пак, промените во религиозноста можат да бидат поттик за економскиот раст. На пример, Макс Вебер сметал дека протестантската елита, особено калвинистичката, која ги поттикнувала верниците да работат во секуларното општество, била основен двигател за развој на капитализмот.

Во новото истражување научниците користеле податоци од анкети правени во рамките на проектите „European Values Survey“ и „World Values Survey“, а во нив, меѓу другото, биле вклучени и многу прашања за погледите на светот - од оние за фамилијарните вредности, па до оние за односот кон абортусот, разводот и хомосексуалноста.


Фото: Index

Студијата е спроведена на примерок од 109 земји од светот.

Авторите во воведот истакнуваат дека резултатите од нивната анализа покажале дека растот на нерелигиозноста во минатиот век генерално му претходел на економскиот раст.

- Нашите резултати покажуваат дека секуларизацијата му претходи на економскиот развој, а не обратно - истакнува водачот на истражувањата, Дамијан Рак, од Универзитетот во Бристол.


Фото: Index

Но, коавторот Алекс Бентли од Универзитетот во Тенеси предупредува дека тоа не значи дека секуларизацијата буквално предизвикува економски раст бидејќи двата феномена би можеле да бидат предизвикани од трет фактор, и тоа со некое временско растојание. Имено, авторите истакнуваат дека студијата утврдила дека толеранцијата и развојот на човековите права во 20 век уште посилно се поврзани со економскиот развој. Овие корелации останале силни дури и кога биле исклучени факторите образование и културно наследство. Од тоа може да се заклучи дека главниот двигател на успехот во општеството е толеранцијата, што може и да се очекува. На пример, јасно е дека зајакнувањето на еднаквоста на жената, вклучително и правото на развод и планирање семејство, овозможило нејзин поголем придонес во општеството и во економијата.

- Секуларизацијата многу често оди заедно со поголема толеранција кон хомосексуалноста, абортусот, разводот и слично - вели Рак.

Сепак, тој смета дека нивната студија не значи дека религиозните општества не можат да бидат економски успешни.

- Верските институции мора да пронајдат сопствени начини на модернизација и почитување на човековите права - истакнува тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот