X
 21.06.2018 Живот

Зошто во Холандија растат најсреќните деца и што Македонија може да научи од оваа земја?

Најсреќните деца во светот растат во Холандија, земја која целосно го поддржува современото родителство, децата учат од мали да користат велосипед, а родителите им даваат чувство на сигурност. Истражувањето од 2013 година спроведено од УНИЦЕФ покажува дека децата во оваа земја се најнасмеани и најмногу играат, и тоа не е случајност.

Од Холандија би можел да научи целиот свет за тоа како се одгледуваат деца, а посебно Македонија. За сѐ се „виновни“ три холандски принципи застапени во книгата „Најсреќното дете на светот“, напишана од две мајки кои се преселиле во Холандија - едната Британка, а другата Американка. Тие објасниле во што е тајната на среќниот живот на холандските деца.

1. Опкружување приспособено за децата

Многу холандски деца сами пешачат или возат велосипед до градинка и училиште уште од првиот ден. Улиците на холандските градови се преполни со деца и млади кои поминуваат со велосипеди, без родителите.

Тајната не е во тоа што холандските родители се претерано опуштени, туку извонредно приспособените населби што на децата им овозможуваат слободно да се движат. Улиците имаат широки велосипедски патеки, брзината на сообраќајот е ограничена, а знаците направени со посебни бои нагласуваат предност за велосипедистите. Сето тоа придонесува за чувството на сигурност што на холандските родители им дозволува своите деца да ги пуштат без страв слободно да се движат низ градовите.

2. Поттикнување на слободното движење

Приспособувањето на улиците за децата се врши со свест дека нивната слобода е важен предуслов за развој на одговорност и самостојност. А доколку нема безбедна средина, нема ни детска слобода. Затоа холандските родители можат да уживаат во привилегиите нивните деца слободно да се движат, а тоа на децата им влева чувство на независност, додека возрасните имаат повеќе време за опуштање и дружење.

3. Подготвеност за спроведување промени


Кога во текот на 60-тите и 70-тите години од минатиот век сообраќајните несреќи со децата како жртви станале доста чести, Холанѓаните одлучиле да се борат за себе, да си го вратат просторот што го окупирале автомобилите.

За таа цел била создадена кампањата „Запрете го убиството на децата“, што довело до проширување на патиштата и давање приоритет на поранливите учесници во сообраќајот. Борејќи се за безбедноста на своите деца, Холанѓаните успеале да изградат култура што поттикнува независност и самодоверба, со што се зголемила и среќата кај луѓето.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот