Филмовите на Вес Андерсон се веднаш препознатливи по неговиот уникатен визуелен стил со нежни и сончеви палети на бои, фантастични композиции и разиграно движење на камерата. Светски познатиот режисер има создадено 12 филма во 29 години, почнувајќи од неговиот прв филм „Ракета во шише“, па сè до познатите хитови како „Гранд хотел Будимпешта“ и „Ројал Тененбаумови“. А сега, тој открива како бил создаден секој од овие филмови, во фасцинантен краток документарец на „Ванити фер“.
Андерсон објаснува дека процесот на пишување сценарио за него личи на откривање.
- Кога пишувате приказна, немате баш чувство како да градите архитектура, туку како да вршите ископување. Тоа е нешто што веќе постои, ние само го ископуваме - вели тој присетувајќи се колку многу морал да научи додека го снимал својот прв краток филм „Ракета во шише“, кој подоцна прерасна во долгометражен филм во 1996 година. Инспирацијата ја црпел од сопствениот живот во Хјустон и Далас, градови во кои пораснале и тој и Овен Вилсон, кој глуми во филмот.
Само две години подоцна, во 1998 година, Андерсон го сними „Рашмор“. Тој зборува за неговиот пристап кон музиката во филмовите и како таа може да им даде одреден дух. Објаснува дека визуелните елементи во „Рашмор“ биле често кореографирани во согласност со музиката, а екипата користела стоперка за точно мерење на времетраењето на секоја сцена.
Исто така, споделува како првпат го избрал Џејсон Шварцман, актер кој потоа се појавува во речиси сите негови филмови.
Кога зборува за „Остров на кучињата“, кој излезе во 2018 година, Андерсон открива дека приказната првично била замислена како кратка секција во „Францускиот извештај“, но набрзо сфатил дека заслужува да стане самостоен филм.
- Оваа приказна е поголема и посложена. Цената за да се направи 30-минутна верзија е преголема. Подобро да направиме 85-минутна верзија и да го претвориме во филм - вели тој.
Режисерот и сценарист зборува и за креативниот процес на неколку негови култни филмови, меѓу кои „Морскиот живот со Стив Зису“, „Кралството на младата месечина“ и многу други.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Instagram/Screenshot