X
 22.03.2022 Живот

Јавноста ќе има увид во дозволите за користење на водите, се воведува стандардизирано следење на нивниот квалитет

Преку дигитална платформа ќе се овозможи сите релевантни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни

Граѓаните добиваат увид кои компании и претпријатија имаат дозволи да ги користат и да испуштаат во водите или да ископуваат песок, чакал и камен од реките и езерата. Денес по повод Светскиот ден на водата - 22 Март, кој годинава се одбележува под мотото „Подземни води - правење на невидливото видливо“, беше презентирана нова методолгија за следење на квалитетот на површинските и подземните води, како и Водна книга, која е дигитална платформа за управување со водите.

Од Институтот за комуникациски студии (ИКС), кој ја спроведува кампањата „Разбистри се“, велат дека надлежните органи ќе може полесно да ги следат и казнуваат оние што не постапуваат според дозволите и да ја спречат деградацијата на водите.

- За пореална слика на состојбите со водните ресурси, се стандардизира и мониторингот врз квалитетот и квантитетот на површинските и подземните води. Ова се овозможува со дигиталната платформа за Водната книга, база на податоци за управување со водите, и со Методологијата за мониторинг на водните тела, кои за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) беа изработени во рамките на кампањата 'Разбистри сè' - велат од Институтот за комуникациски студии.

Од Институтот појаснуваат дека дигиталната Водна книга ги содржи информациите за издадените дозволи и концесии од Секторот за водите при МЖСПП.

- Таа обезбедува континуирано да се одржува информативниот систем за дозволите и нивно следење, а за граѓаните и инспекциските органи овозможува слободен пристап до информациите од системот, без посебни барања и постапки - велат од ИКС.

Од Институтот додаваат дека податоците од Водната книга ќе овозможат увид на влијанијата врз водите, да се утврди потеклото на загадувањето и да се оцени дали оптоварувањето врз водните ресурси се врши согласно дозволите. „Јавноста има право за пристап до податоците од животната средина и да знае за начинот и условите на користење на водните ресурси. Преку оваа дигитална платформа ќе се овозможи сите релевантни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Стандардизираната методологија за мониторинг донесена од Министерството за животна средина, со која треба да се следи состојбата на површинските и подземните води, е подготвена од професори од Институтот за биологија при ПМФ во Скопје и експерти од УХМР и Хидробиолошкиот завод - Охрид.

- Следењето, оценувањето и класифицирањето на квалитетот на водата е од витално значење за човештвото и е директно поврзан не само со човековата благосостојба, наводнувањето и исхраната, туку и со опстанокот на различни живи организми кои придонесуваат за еколошката рамнотежа на планетата Земја - рече професорката Рената Ќуштеревска, раководителка на Институтот за биологија при ПМФ - Скопје.

Институтот за комуникациски студии ја спроведува кампањата „Разбистри се“ со помош на Амбасадата на Велика Британија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот