X
 22.04.2017 Култура

Чарли Чаплин: „Алчноста ја труе човечката душа, постави барикади низ светот со омраза, нѐ доведе до мизерија и крвопролевање“

Сер Чарлс Спенсер „Чарли“ Чаплин бил роден на 16 април 1889 година во Лондон. Неговото детство било исполнето со тешкотии и сиромаштија - неговиот апатичен татко кој бил алкохоличар го напуштил семејството, а неговата мајка страдала од психоза. Откако го напуштил училиштето на 13 годишна возраст, Чаплин започнал да се пробива во светот на забавата. Започнал како член на танц група, напредувал со малите улоги во театарските претстави кои ја покажале неговата комична страна. Брзо време после тоа, тој бил регрутиран од американско филмско студио па започнал да добива улоги во немите филмови.

Во неговиот втор филм, Чаплин се појавил на сцената како „the Tramp“ (Скитникот) - лик кој носел широки пантолони, тесно палто, мала капа и преголеми чевли. Неколку филмови подоцна, Чаплин станал поим кој се поврзувал со немите филмови не само во Америка, туку и ширум светот. Пропорционално, тој станал најплатен актер во филмската индустрија. Заедно со уште тројца други актери го основал независното филмско студио „United Artists“ кое му ја дал креативната слобода да создава филмови како што нему му одговарале. Филмовите кои следеле „The Gold Rush“, „City Lights“ и „Modern Times“ - биле најдобрите кои ги создал.

Кога филмовите со глас за прв пат се појавиле во Холивуд, Чаплин не бил подготвен да ги прифати бидејќи чувствувал дека во немите филмови има поголема уметност. Создал два филмови („City Lights“ и „Мodern Times“) кои во позадина биле придружени со звучни ефекти. Во доцните 30-ти, Чаплин се соочил со бројни контроверзии поврзани со неговиот личен и професионален живот кои негативно влијаеле врз неговата популарност во Америка. Како што Европа паѓала пред фашистичките режими на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, Чаплин одлучил да му се обрати на светот кој се наоѓал во тешка социо-политичка состојба, преку неговиот нов филм - „The Great Dictator“.

Во оваа политичка комедија и драма која сатирично го претставува фашизмот и ги осудува Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, антисемитизмот и нацистите, Чаплин игра две улоги со идентични ликови: еден безмилосен диктатор Аденоид Ханкел и другиот прогонуваниот еврејски бербер. Серијата на комични настани доведуваат до заблуда со што берберот е заменет со Ханкел. Во последната сцена од филмот, берберот стапува на сцена за да одржи говор пред собраната маса. Овој говор напишан и доставен до совршенство од Чаплин, влезе во историјата како еден од најинспиративните и најпримамливите беседи. Ви нудиме извадок од говорот:

„Жал ми е, но не сакам да бидам император. Тоа не е моја работа. Не сакам да владеам или да покорувам некого. Би сакал да им помогнам на сите - доколку е можно - Евреи, неевреи, црнци, белци. Сите сакаме да си помогнеме еден на друг. Луѓето се такви. Сакаме да живееме опкружени со среќа - а не со беда. Не сакаме да се мразиме и презираме еден со друг. Во овој свет има место за сите. А добрата земја е богата и може да обезбеди за секого. Начинот на живот може да биде слободен и убав, но ние го изгубивме патот.

Алчноста ја труе човечката душа, постави барикади низ светот со омраза, нè доведе до мизерија и крвопролевање. Развивме брзина, но се заробивме себеси. Имаме неопходна потреба од машините кои ги има во изобилство. Нашето знаење нè направи цинични. Нашата паметност - сурови и без обзир. Мислиме многу, но чувствуваме премалку. Потребна ни е поголема хуманост, а помалку машини. Повеќе љубезност и нежност, а помалку мудрост. Без овие квалитети, животот ќе биде насилен и изгубен...

Војници! Не се давајте на грубјаните - луѓето кои ве презираат, поробуваат, ви го контролираат животот, ви кажуваат што да правите, што да мислите и што да чувствувате. Луѓето кои ве третираат како добиток и ве сметаат за непотребни. Не им се предавајте на овие одвратни, вештачки луѓе со вештачки мозоци и срца. Вие не сте машини! Не сте добиток! Вие сте луѓе! Имате човечка љубов во вашите срца! Вие не мразите! Само оние што не се сакани мразат - несаканите и вештачките. Војници! Не се борете за поробување! Борете се за слобода!“


Овој говор добил посебна важност кога за првпат го слушнала јавноста во 1940 година - една година после втората светска војна. На слушателите им дал зрак на надеж во лицето на големиот очај. А за Чаплин обезбедил место меѓу најголемите оратори, како и пофалба со оглед на тоа што воглавно се сметал за комичар и забавувач. После 70 години по смртта и уништување4то на последната светска војна, светот повторно го зафатија предрасудите и штетните идеологии. Луѓето ги подели расата, верата и националноста и власта започна да ги манипулира. Ако работите наскоро не се променат, тогаш можна е голема војна, и овој пат таа може да е последна за човештвото. Нема сомнеж, работите мораат да се променат. Можеби оваа порака од Чаплин луѓето треба уште еднаш да ја слушнат за да се случи тоа.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура