Изложбата на американската фотографка и модел Ли Милер (Lee Miller, родена во Њујорк 1907-1977) во галерискиот простор на Тате Британ во Лондон треба да се сфати како уште еден чекор напред кон афирмирањето и рамноправниот третман на фотографијата како дисциплина еднаква со другите ликовни уметности. Имено, станува збор не само за уметница, туку и за жена која низ својот светоглед покрај убавото во уметноста, ја разоткрива темната страна на светот и човечката психа. Со долгогодишната посветеност на фотографијата преку камерата го изразува нејзиниот длабок внатрешен свет: свет на војна, уметност и женско тело. Ли Милер својата кариера ја започнала како модел за списанието „Воуг“, но нејзината вистинска уметничка експресија и побуда ја иницира кога станала модел, а подоцна и партнер на еден од најпознатите претставници на надреализмот - уметникот Ман Реј.
Живеејќи во Франција, тие се понесени од заедничките, блиски идеи и сфаќања за светот и уметноста. Но, таа во одреден момент ја презема контролата над својата работа и преоѓа кон реализирање самостојни проекти и создава свој уметнички израз, така што станува длабоко интроспективна, со елементи на ирационално и симболично, односно: женското тело станува метафора за повреденост, сексуалност и себеспознавање. Имено, многу нејзини дела предизвикале реакции и контроверзни сфаќања бидејќи овие слики ги поместиле границите на тогашната перцепција на уметноста и сексот. Впрочем, феминизмот го иницира на начин каде што жената не ја согледува како пасивна, зависна и традиционална (карактеристично за тоа време), туку како комплексна и силна фигура со длабоки психолошки слоеви.
Оваа авторка е меѓу пионерите на фотографијата кои експериментираат со техника фотограм (фотографија без камера), како и различни техники на игра на светло, сенка и композиција со кои ја доловува не само физичката стварност, туку и емотивната и психолошката димензија на светот. Нејзините фотографии ја истражуваат границата меѓу реалното и апстрактното со елементи на надреализмот, но она што ја издвојува е способноста да ги поврзе уметноста и стварноста, т.е. со уметнички јазик да зборува за работи кои се длабоко лични, политички и општествени. Во периодот додека живеела во Египет, го посматра мотивот од друг агол, давајќи му друга димензија, експериментирајќи со техниката и композицијата. Тука, несомнено, Ли Милер ги вклучува инсталацијата и графичката работа, но во своите напори наоѓа голема инспирација во археологијата, фасцинацијата од египетската уметност и нејзините духовни вредности. Во овој период фотографирала пустински пространства, древни пирамиди, споменици креирајќи драматичност во играта на светло и сенка, со цел да ги нагласи облиците и нивната геометриска структура. Оваа остра светлина е речиси апстрактна, и во таквиот контраст ја искажува желбата да се навлезе во сферата на надреалното, мистичното и магичното. И самата била неверојатно импресионирана од начинот на кој светлината може да ја трансформира формата, нејзините дела се надреалистички, а сенките го прикриваат обликот така што создава мистериозна атмосфера и, истовремено, добива нова визуелна динамика помеѓу она што е видливо и она што е сокриено.
Историски момент и пресврт во творештвото на Ли Милер е периодот кога работела како воена дописничка за „Воуг“ во текот на Втората светска војна. Како ретко кој снимала сцени од самите места на војување, документирајќи ја стварноста на начин кој бил иновативен во тоа време. Еден од најпознатите моменти во нејзината кариера е кога го слика нацистичкиот концентрационен логор во Дахау, непосредно по ослободувањето. Оваа фотографија во која Милер седи во нацистичка бања станува симбол не само на нејзината физичка присутност, туку и на нејзиното соочување со ужасите на војната – жена која се бори за сопствено постоење во свет полн со деструкција. Воедно, набљудувајќи ја оваа фотографија, се поставува прашањето за моралноста, рамнотежата, моќта и траумите што ги носи војната. Користејќи ги своите искуства, таа не потсетува дека уметноста не е само нешто што треба да биде естетски пријатно, туку и инструмент за разбирање на светот во кој живееме.
Ли Милер има свој препознатлив уметнички израз кој остави силен печат во светот на фотографијата. Нејзината кариера опфаќа повеќе улоги: модел, уметничка муза, воена дописничка и иновативна фотографка кој со својата работа донесе значаен придонес, развој и поинаков поглед во уметноста на 20 век. Изложбата (која веќе е во тек и ќе трае до 15 февруари 2026 година) ја разбранува и провоцира нашата свест и љубопитност, донесува иновации, разновидност во остварувањата и поттикнува поинакви размислувања кои нема да не остават рамнодушни.
Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност