Врши активни истражувања во медицинската масажа, окупационата терапија и алтернативната медицина во Македонија, полиња кои во академски контекст со децении остануваат или маргинализирани или третирани како практична вештина без научна валоризација.
Пациенти од цел свет го контактираа за мислење откако неговиот научен труд за ефектите на терапијата со помош на животни (Animal assisted therapy) во рехабилитацијата на менталните нарушувања достигна рекорден број од 65.500 прегледи во историјата на научното списание во Јужна Кореја - „Perspectives of Integrative Medicine“.
М-р Денис Арсовски е предавач на Високата медицинска школа - Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и докторанд по дефектологија на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, под менторство на проф. д-р Наташа Чичевска Јованова.
Сите трудови објавени во 4 години
Арсовски формално започна со наставно-научна работа во декември 2022 и истата година објави два научни труда. Следната, 2023 година, објави 11 публикации, поради што доби Пофалница за најактивен научник на УКЛО доделена по повод Светскиот ден на науката. Веќе во 2024 година бележи силна експанзија со 18 објавени труда, најголемиот дел во меѓународни, високо индексирани списанија. Ова му носи две универзитетски признанија - за најплоден научник и најплоден млад научник. Во 2025 година, со уште 15 објавени труда индексирани во „Web of Science“, „SCOPUS“ и „EBSCO“, Арсовски ја заокружува бројката од 46 научни труда до 31-годишна возраст, што резултира со четврто национално признание - Диплома за второрангиран најплоден научник на УКЛО за академската 2024/2025 година. Сите трудови се објавени за 4 години.
Неговата научна работа е насочена кон медицинската масажа, окупационата терапија и научно заснованите аспекти на алтернативната медицина, полиња кои во македонскиот академски контекст со децении остануваат или маргинализирани или третирани како практична вештина без научна валоризација. За окупационата терапија кај нас не постојат ни формални студии од прв и втор циклус. А истражувањата на Арсовски се водени од научна методологија, клинички податоци и пристап со јасна цел - овие области да се извлечат од доменот на праксата и да се позиционираат како валиден дел од современата рехабилитација.
Открива нефармаколошки терапевтски пристапи
- Во врска со истражувањето на терапијата со помош на животни се докажа дека таа има јасен и позитивен ефект врз менталното здравје. Резултатите покажаа намалување на нивото на стрес и анксиозност, редукција на депресивните симптоми, подобрување на емоционалната регулација, социјалното функционирање и општиот квалитет на живот. Беа објаснети и физиолошките механизми на дејство од овој вид терапија, како намалување на кортизолот, зголемување на окситоцинот и позитивното влијание врз автономниот нервен систем. Темата е светски актуелна, особено во контекст на зголемувањето на менталните нарушувања и потребата од нефармаколошки терапевтски пристапи. Истражувањето дава јасна научна валоризација на метод кој често се перципира како алтернативен, но во овој случај е обработен низ строго научна и критичка призма - вели Арсовски.
Тој три години го истражуваше и ефектот од масажата врз хроничната болка во вратот кај разни професионални групи. Беа опфати 127 испитаници од различни работни средини, ИТ-сектор, администрација, банкарство, текстилна индустрија и многу други професии со изразено статично оптоварување.
-Резултатите покажаа многу значен ефект - на почетокот просечниот интензитет на болка кај испитаниците беше околу 7 на скалата од 1 до 10, додека по континуирана и редовна примена на масажа болката се намали на просечно ниво 1 до 2. Лицата што двапати месечно беа на масажа покажаа постабилни резултати во споредба со оние кај кои масажата беше поретка. На оние што направија подолг прекин на масажата им се врати болката и ова ја докажа важноста на континуитетот на масажата. Резултатите докажаа дека медицинската масажа не е само моментално олеснување, туку ефикасна и безбедна нефармаколошка интервенција за хронична болка во вратот. Списанието во кое е објавено ова истражување е индексирано во „Scopus“ и „Web of Science“ - додава Арсовски.
Рецензент на меѓународни издавачки куќи
Неговите истражувања, базирани на податоци собрани во Македонија, се објавени и валидирани во меѓународни списанија од Хрватска, Литванија, Турција, Романија, Полска, Канада, САД и други земји. Научната и професионална патека на м-р Денис Арсовски претставува редок, но јасен пример за тоа како индивидуалната научна визија може да создава нови истражувачки правци, дури и во услови на недоволно развиена академска инфраструктура.
Арсовски е и активен рецензент за меѓународни издавачки куќи како „Taylor & Francis“ и „Frontiers“ . Рецензентската работа, особено во рана фаза од академската кариера, е показател дека истражувачот е препознаен како релевантен проценувач на научен квалитет.
Системот во Македонија треба да ги препознае и поддржи ваквите профили и да не дозволи тие да станат уште една статистика во одливот на научен потенцијал. Во време кога државата има потреба од стабилни, етички и продуктивни академски кадри, ваквите примери заслужуваат не само видливост, туку и поддршка како модел за тоа каква наука ѝ е потребна на Македонија.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.