Меѓу повпечатливите КОЛОРС настани на УКЛО се вбројува мултидисциплинарното случување посветено на Јужниот Пол, со кое е направен спој меѓу науката, екологијата и визуелната уметност. На Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, во организација на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола, во соработка со УКЛО, Антартикот оживеа и повеќеслојно и мултидисцилинарно.
Во КОЛОРС активноста значаен придонес оствари и ЈНУ Хидробиолошки институт – Охрид, во својство на асоциран партнер во Алијансата КОЛОРС и воедно активен чинител во градењето академска поврзаност - од локален контекст кон глобални еколошки предизвици.
Зошто овој КОЛОРС настан е посебен? Во што е неговата важност? Што е тоа што треба да се памети?
Случувањето претставуваше можност за размена на знаење и го истакна потенцијалот што го нуди соработката и во поширокиот академски и особено неговите рефлексии во јавниот простор, што е потенцирано и во поздравните говори од претставниците на академската заедница и дипломатските претставници: проф. д-р Снежана Дичевска, декан на ФТУ – Охрид, д-р Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот институт, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Николај Димитров, генералниот конзул на Република Бугарија во Битола.
Главни актери на настанот беа геологот, истражувач и научник од светски ранг кој со децении го истражува Антарктикот, глечерите, климатските промени - Христо Пимпирев, раководител на научноистражувачкиот тим во бугарската антарктичка база и македонскиот кинематографер Фејми Даут, кој стапна и на Антарктикот да снима документарец за истражувачката експедиција.
Присутните имаа можност да се запознаат со повеќедецениската работа на бугарската антарктичка експедиција, преку информативно документарниот филм „Антарктик“ од режисерот Живко Константинов. Во рамките на предавањето и промоцијата на книгата „Антарктички стопер“ истражувачот Пимпирев потсети на силни моменти: „Антарктикот не е само мраз – тоа е тивко огледало на иднината на планетата. Она што го гледаме таму денес, светот ќе го почувствува утре. Затоа мораме да истражуваме, да споделуваме знаење и да дејствуваме сега. Посебно впечатлива е неговата порака дека никој во светот не се занимава сам со наука и дека науката на Антарктикот не може да се одвива без логистичка поддршка.“
Но, екипата на Антарктикот покрај истражувачка се проширува и со филмска експедиција. Нашиот кинематографер Фејми Даут од оскаровското платно стапна и на Антарктикот да снима документарец за научноистражувачката задача, што му даде посебност на настанот. Вниманието е постигнато со неговиот тематски настап како македонски кинематографер со светско реноме и споделените впечатоци од Јужниот Пол. Не помалку актуелни беа и неговите ставови и пораки - дека Антарктикот е како посебна планета, дека секој кадар изгледа како нова приказна, бидејќи таму природата зборува.
Повеќедисциплинарноста на случувањето вклучи отворена дискусија и изложба од фотографии во фоајето на Факултетот како своевидно уметничко сведоштво за човечкото присуство на „едно од најнепристапните, но значајни места на планетата“. Колоритното обединување на науката, екологијата и уметноста го овозможи впечатокот на сите учесници дека настанот не само што го отвори Антарктикот за македонската научна и поширока јавност, туку ја покажа и моќта на соработката меѓу науката, еколошката одговорност и уметноста, токму во духот на КОЛОРС Алијансата.
(Комерцијална објава)