X
 09.10.2018 Технологија

„Фејсбук“ сака да стави камера во вашиот дом

„Фејсбук“ го пушта во продажба својот паметен звучник со екран и камера.

Звучникот наречен „портал“ и поголемиот звучник наречен „портал +“ се специјално создадени за видеоповици. Во суштина, станува збор за паметен звучник со екран на допир што вклучува неколку уникатни карактеристики. Меѓу нив е и систем за откривање корисници кој автоматски ќе го зумира лицето на личноста и ќе ја следи низ просторијата. Идејата на уредот е да се направи видеоразговорот да изгледа повеќе како дружење.

Но, дали потрошувачите ќе му веруваат на „Фејсбук“ со уред за слушање во нивниот дом?

Станува збор за храбар потег на компанијата, која некое време се соочува со контроверзии поврзани со приватноста што произлегуваат од скандалот со крадењето на податоци од „Кембриџ аналитика“ и неодамнешното хакирање на 50 милиони корисници.

portal
Фото: Facebook


Компанијата е свесна за загриженоста. При презентацијата на новите уреди официјалните претставници на „Фејсбук“ рекоа дека приватноста е вградена во секој слој.

На врвот на секој уред се наоѓа пластично капаче што може да се лизне преку камерата. Ова е слична безбедносна тактика каква што користи и Марк Закерберг - ставање лепило преку камерата од лаптопот. Копчето за исклучување на звукот го исклучува и микрофонот, а „Фејсбук лајв“, алатка на компанијата за емитување видео, не е ниту опција на „портал“.

Многу потрошувачи се задоволни од оваа идеја. „Портал“ го користи гласот на Алекса од „Амазон“ за справување со вообичаените задачи, како што е пуштање музика и контролирање на поврзани уреди. „Портал“ има 4 микрофони што секогаш слушаат фрази за активирање, а „Фејсбук“ вели дека е отворен за давање поддршка и за други асистенти во иднина.

Уредот може да биде поврзан со профил на „Фејсбук Месинџер“ за да прави видеоповици. Може да се поврзи со кој било друг на „Месинџер“ на телефон или таблет и да реализира групни повици со шест лица. Постои опција да слушате музика од „Пандора“ или „Спотифај“ заедно за време на повиците.

Кога не се користи за видеоразговори, уредот може да прикажува избрани фејсбук-фотографии и потсетници за роденден. Но, „портал“ нема целосен пристап на „Фејсбук“ и нема пребарувач.

Помалиот „портал“ можете да го добиете по цена од 199 долари, додека поголемиот е 349 долари.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија