X
 24.02.2019 Живот

Нафтените гиганти на удар - мора да платат за штетата што ѝ ја нанеле на климата

На 14 ноември, во невидена акција од страна на приватни лица во американскиот суд, комерцијалните рибари во Калифорнија и во Орегон тужеа 30 компании за нафта, гас и јаглен барајќи компензација за нивните загуби, бидејќи пазарот на ракчиња во Тихиот Океан страдал поради зголемувањето на температурите предизвикани од согорување на фосилните горива.

Некои правни експерти велат дека оваа тужба поднесена во Врховниот суд во Сан Франциско претставува правен земјотрес. Таа покажува дека адвокатите и приватните лица се подготвени да ги искористат доказите за климатските промени за нивна предност во судовите, дури и ако политичарите како Доналд Трамп и понатаму фрлаат сомнеж за науката што покажува дека климатските промени се предизвикани од човекот.

- Ова е првпат во историјата на САД приватно лице да ја тужи индустријата за фосилни горива за сторена штета - вели Дејвид Букбајндер од центарот „Нисканен“, тинк-тенк во Вашингтон што води напори за промена на конзервативното мислење за климатските промени.

nateni
Фото: Pexels



Tужбата се придружува на уште неколку неодамнешни тужби поднесени од американските градови и други јавни ентитети против нафтените компании.

Активистите и адвокатите се надеваат дека големиот број тужби ќе ја натераат индустријата на фосилни горива да ги прифати мерките за заштита на климата, како што е данок за јаглерод.

„Ексон мобил“, еден од обвинетите во тужбата на рибарите, соопшти дека потрошил еден милион долари во период од две години за да го поддржи данокот на јаглерод за да ѝ помогне на природната средина. Но, според адвокатите, ова е лага спакувана од пиар-службата на компанијата.

Слични тужби имало и претходно. Минатата година калифорниските области Сан Мантео и Марин заедно со „Империјал Бич“ од Сан Диего тужеле 36 нафтени и гасни компании поради зголемениот пораст на морето. Нивните аргументи се идентични со оние на рибарите од Калифорнија и Орегон и други.

- Обвинетите веќе 50 годни знаат дека загадувањето од стакленичките гасови од нивното производство на фосилни горива има сериозен ефект врз климата на Земјата и нивото на морето. Знаејќи го тоа, обвинетите презеле чекори за да ги заштитат своите имоти од вакви опасности, така што инвестирале огромни средства во истражување и унапредување на инфраструктурата, како и во плановите за искористување нови можности за заработка во светот што се загрева - стои во нивната тужба.

Во февруари оваа година Париз соопшти дека ја разгледува можноста за тужба против „Тотал“, „Шел“, „Ексон“ и други поради катастрофалните поплави во овој град во мај 2016 година. Последната тужба е на Република Вануату, која сега објави дека ангажирала правен тим за да се истражува можноста да се однесат на суд и компании што профитираат од фосилните горива, како и одредени држави, па дури и финансиски институции кои заработуваат од нафтата, плинот и јагленот. Вануату е пацифичка држава со околу 270.000 жители. Во 2015 година оваа нација претрпела удар на циклонот Пам со ветрови од 250 километри на час, кој убил 16 луѓе и нанел штета од 360 милиони долари. Со тоа, во само неколку дена Вануату останала без 61 отсто од својот БДП, што е штета каква што мал број земји претрпеле дури и во Втората светска војна.

Според Парискиот договор, земјите како Вануату не смеат да бидат оставени полека да умираат напуштени од сите.

- Земјите како Австралија, која е меѓу најлошите загадувачи, прогласија дека нема да плаќаат - изјави министерот за надворешни работи на Вануату, Ралф Регенвау. Инаку, Австралија е еден од најагресивните произведувачи, извозници и застапници на јагленот како извор на енергија.

Пред една година беше лансирана заедничка платформа со која активистичките еколошки здруженија, владите, градовите, малите и големите компании заедно ќе ги нападнат нафтените компании. Во оваа платформа се најдоа и многу држави од САД, како Калифорнија, предводени од луѓе како Арнолд Шварценегер, кои се практично во војна со администрацијата на Трамп и со компанијата „Биг оил“. Помасовното глобално движење сега доведе и до приватни тужби на рибарите од американскиот Западен Брег, кои можат да сметаат на помошта од многубројни организации за заштита на околината и адвокати. Нивната заедничка цел е да се зголеми бројот на тужбите, судските постапки, времето и пресудите, да се присили фосилната индустрија и политиката што им помага да се откаже од заштита на нафтата, плинот и јагленот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот