X
 24.09.2025 Образование

МОН: Привремено се затвора приватниот Факултет за бизнис-економија во Скопје

Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за нивно отстранување, Министерството за образование и наука информира дека е донесена одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа Факултет за бизнис-економија во Скопје.

Од МОН истакнуваат дека нерегуларностите биле констатирани од страна на посебна комисија во рамките на Министерството за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа била донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование.

- На Факултетот за бизнис-економија нема запишани нови студенти во академската 2025/2026 година. Кон веќе запишаните студенти високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети. Почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. Тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги - стои во соопштението.

Од МОН соопштуваат дека во изминатите 15 месеци се затворени и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде што ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми.

ФБЕ пред три години се соочуваше со проблеми, одложен почеток на настава и протести.

Фото: Facebook

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование