X
 25.01.2021 Образование

МОН: Законска обврска ни е да ја организираме матурата, сите забелешки на матурантите беа прифатени во првото полугодие

Министерката за образование и наука Мила Царовска со директорите на средните училишта на денешниот онлајн-состанок разговараше за стартот на второто полугодие и полагањето на матурските испити.

Како што соопштија од Министерството за образование и наука, на состанокот бил донесен заклучок дека МОН има законска обврска да ја организира матурата за учениците што планираат да го продолжат образованието, а е услов за запишување на факултетите во државата и во странство. Според податоците на училиштата, полагање матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година.

- Mатурата, која е право на избор, на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да ја полагаат. На состанокот беше посочено дека уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети - стои во соопштението.

Во него се додава дека Државниот испитен центар, МОН и средношколците заедно ќе работат на целосно нова концепција за полагање државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна група во која ќе бидат вклучени и средношколците.

Средното образование е задолжително, државната матура е избор и им е потребна на учениците што планираат да го продолжат образованието на факултетите. Во концептот за матура предвидена е и училишна матура, која е избор на учениците што нема да полагаат државна матура. Таа опфаќа избор само на дава предмета (задолжителен и изборен) и проектна задача. Исто така, матурантите од средните стручни училишта имаат можност да изберат и завршен испит, со истиот концепт од два предмета, задолжителен и изборен и проектна задача, стои во соопштението од МОН.

Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставениот комбиниран модел затоа што тоа е во најдобар интерес на сите ученици и во интерес на заштитата на јавното здравје.

Фото: МОН

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование