X
 13.05.2020 Наша тема

Матура ќе полагаат само 1.400 ученици што завршиле во претходните години. МОН вели дека учеле во вообичаени услови

Иако матурантите оваа година нема да полагаат државна матура бидејќи надлежните проценија дека учат во поинакви услови и е комплицирано и небезбедно да се организира тестирањето, сепак, 1.400 ученици што во минатите години не положиле матура, а се пријавиле, ќе го полагаат ова тестирање.



Ова е предвидено во Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Предвидено е за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година, да се организира полагање на испитите за државна матура.

 

Ова важи и за учениците што во претходните учебни години почнале со полагање испити од државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење или завршен испит со четиригодишно траење, но не ги положиле и се пријавиле за повторно полагање во учебната 2019/2020 година.


Министерството за образование и наука смета дека нема дискриминација за овие ученици по никоја основа и дека ќе им се обезбедат услови за полагање.


- Учениците од завршните години во оваа учебна година се ослободени од полагањето државна матура, училишна матура и завршен испит, имајќи предвид дека се изложени на стрес поради едукација во специфични услови, односно вонредна состојба иницирана од пандемија, кога образовниот процес се реализира на нетипичен начин и кога наставната материја не е реализирана во обем каков што би се реализирал доколку учениците посетуваа училиште. Ова не е случај со учениците од претходните учебни години, бидејќи тие не се соочуваа со ваков тип предизвици – далечинско учење, скратена наставна материја и слично, односно воспитно-образовниот процес за нив се реализира во вообичаени услови - ни одговорија од Министерството за образование и наука.

Станува збор за околу 1.400 ученици од минатите учебни години кои се пријавиле за полагање државна матура оваа година.

- За нив многу полесно може да се организира полагањето на крајниот испит во вонредни околности отколку за сегашната генерација која брои 13.200 матуранти - велат од МОН.

Родител на ученик кој лани не можел да полага матура бидејќи бил во странска земја вели дека ова е дискриминација на учениците.
- Мојот син лани не беше во земјава кога се организираа тестирањата, положи само интерни тестови во училиштето и проектна задача. Навистина сум шокиран од оваа одлука вакво тестирање да се организира за едни ученици, а да се смета дека не е безбедно за другите - вели таткото на ученикот.

Група родители испратиле и писма до министерот за образование и наука Арбер Адеми, да им објасни зошто е донесена ваква одлука кога причината за укинување на матурата е пандемијата и вонредната состојба која во Македонија сѐ уште трае. Но, МОН засега останува на истиот став - матура ќе има за овие ученици.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема