Ракот на белите дробови е почест кај пушачите, но тоа не значи дека луѓето што никогаш не пушеле се максимално заштитени од оваа болест. Лекарите велат дека добар број пациенти што никогаш не запалиле цигара добиваат рак на белите дробови. Иако во современиот свет, благодарение на скринингот и раното откривање, бројот на пациенти со рак на белите дробови се намалува, се забележува дека на сѐ повеќе луѓе што никогаш не пушеле им е дијагностицирана оваа болест.
Ризикот никогаш не е нула
Д-р Џон Бријард, торакален онколошки хирург во Центарот за рак „МД Андерсон“, вели дека ризикот од рак на белите дробови никогаш не е нула, дури и за луѓе што никогаш не пушеле.
- Ризикот може значително да се намали со откажување од пушење или ако никогаш не сте пушеле. Сепак, чадот од тутун не е единствениот фактор што може да го зголеми ризикот од развој на болеста - објаснува д-р Бријард.
Причини за рак на белите дробови
Пушењето е водечка причина за рак на белите дробови, но не и единствената. Кај луѓето што никогаш не пушеле ракот на белите дробови може да биде резултат на некои други причини, како што се генетски мутации или дејство на надворешни фактори на животната средина.
Генски мутации
Како и сите видови рак, ракот на белите дробови започнува со промени (мутации) во ДНК. Непушачите имаат поголема веројатност да имаат мутација на генот „EGFR“ отколку пушачите. Генот „EGFR“ обезбедува информации за создавање протеин, познат како рецептор на епидермалниот фактор на раст, на површината на клетката. Експертите наведуваат дека најмалку осум мутации на генот „EGFR“ можат да бидат поврзани со развојот на рак на белите дробови.
Д-р Бријард објаснува дека туморот се развива кога генот што ја започнува клеточната делба останува „заглавен“, додека истовремено генот што ја запира делбата престанува да работи.
Влијанија на надворешната средина
Дури и ако никогаш не сме пушеле, белите дробови можат да бидат изложени на штетни супстанции, како што се пасивниот чад од тутун, природниот радиоактивен гас радон што може да се акумулира во домовите. Долгорочната изложеност на издувни гасови и загадување на воздухот, исто така, може да доведе до болест. Хемикалиите на работното место, како што се азбест, арсен, хром или честата изложеност на чад од шумски пожари или камини, можат да го оштетат белодробното ткиво.
Семејна историја
Случаите на рак на белите дробови во блиско семејство го зголемуваат ризикот. Ако на родител, брат или сестра му е дијагностициран рак на белите дробови, особено пред 50-годишна возраст, ризикот од болеста може да биде уште поголем.
Други болести
Одредени болести или претходни третмани, исто така, можат да ја зголемат можноста за развој на рак на белите дробови. Д-р Бријард ја наведува ХИВ-инфекцијата бидејќи овие пациенти се изложени на поголем ризик од развој на рак на белите дробови, дури и ако не пушат.

Најчестиот вид рак на белите дробови кај непушачите
Постојат два вида рак на белите дробови - ситноклеточен рак на белите дробови (микроцелуларен) и неситноклеточен рак на белите дробови, што е најчестата форма.
-Неситноклеточниот рак на белите дробови е поделен на поттипови - аденокарцином, макроцелуларен рак на белите дробови и сквамозен клеточен карцином. Кај непушачите, најчестиот тип е аденокарцином, неситноклеточен рак на белите дробови, кој често започнува во надворешните делови на белите дробови и може да се развива бавно пред да се појават првите симптоми - вели д-р Бријард.
Симптоми на рак на белите дробови
Симптомите на рак на белите дробови се исти кај пушачите и непушачите.
-За жал, во почетните фази на ракот на белите дробови често нема симптоми. Знаци на кои треба да се внимава се: кашлица, отежнато дишење, болка или непријатност во градите, замор, засипнатост или необјаснето губење на тежината. Повеќето луѓе со овие симптоми немаат рак на белите дробови, но ако симптомите траат подолго од неколку недели, добра идеја е да се посети лекар - советува д-р Бријард.
Лекување на ракот на белите дробови
Докторот забележува дека дури и ако се открие рак на белите дробови, прогнозата денес е подобра од кога било. Формата на третман зависи од видот и стадиумот на ракот, како и од општото здравје на пациентот. Опциите за третман вклучуваат:
-Хируршки третман за отстранување тумори, обично во раните фази. Може да се користи и за лекување на состојби предизвикани од рак на белите дробови, како што е плеврален излив (акумулација на течност околу белите дробови).
-Радиотерапијата (понекогаш со хемотерапија) ги уништува малигните клетки или ја намалува големината на туморот пред операцијата. Може да се користи и за лекување на рак во рана фаза кај пациенти кои не сакаат или не можат да се подложат на операција.
-Хемотерапијата го намалува туморот и ги отстранува преостанатите клетки по операцијата или кога операцијата не е можна, како што е во доцна фаза.
-Целни терапии - дејствуваат на специфични делови од клетките на ракот за да го забават нивниот раст и ширење.
-Имунотерапија - го активира имунолошкиот систем да ги препознава и уништува клетките на ракот.
Превенција
Не можеме да ги промениме нашите гени, но можеме да преземеме одредени чекори за да ги намалиме шансите за рак на белите дробови. Лекарите советуваат да се избегнува тутун или каков било чад, да се тестира куќата за присуство на радон. Важно е да се заштитиме на работа, да носиме заштитна опрема ако сме изложени на хемикалии, аеросоли или прашина. Советот е да се избегнува присуство во густ сообраќај и да се следат предупредувањата за загадување на воздухот.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik